fbpx

Агелер: Приклучувањето на Северна Македонија кон ЕУ ќе ѝ помогне на земјава да се справи со корупцијата

Ќе го зачувате јазикот, ќе ја зачувате културата, ќе го зачувате идентитетот, тоа е вашето наследство, тоа е нешто суштинско кое ве прави она што сте како држава и во исто време ќе добиете многу, рече Агелер

-

Приклучувањето на Северна Македонија во Европската Унија, меѓу другото, ќе ѝ помогне на земјава подобро да се справи со домашните предизвици, а еден од нив е корупцијата. Ова го истакна американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер за време на обраќањето на конференцијата „Односите на САД и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“ што ја организираше Претседателскиот центар за политичко образование.

Агелер рече дека неодамна спроведената анкета покажала оти корупцијата е меѓу главните причини за иселување на младите од државата, а на лидерите им упати порака да пронајдат начин и да ја насочат државата во вистинскиот правец.

За суштински прашања политиките да се остават настрана и да се мисли на доброто на граѓаните, им порача американската амбасадорка на власта и опозицијата.

„Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистински правец, дури и пред формално да влезете во ЕУ. САД ќе ве поддржат, ќе продолжиме да инвестираме во вас, но ова не можеме да го направиме наместо вас. За да го преземете следниот чекор, кој ќе ја води вашата земја кон посветла иднина, мора да има политичка волја. Во секоја држава за одредени важни одлуки потребно е власта и опозицијата да работат заедно, да ја тргнат настрана политиката и да го сторат она што е добро за граѓаните“, рече Агелер.

Американската амбасадорка рече дека изолацијата не може да биде патот напред и рече дека Северна Македонија ќе има низа придобивки од приклучувањето кон ЕУ, додавајќи оти македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат зачувани.

„Ќе го зачувате јазикот, ќе ја зачувате културата, ќе го зачувате идентитетот, тоа е вашето наследство, тоа е нешто суштинско кое ве прави она што сте како држава и во исто време ќе добиете многу“, рече Агелер.

Осврнувајќи се на односите меѓу САД и Северна Македонија, Агелер рече дека партнерството меѓу двете земји е толку силно што „може да ја надмине секоја бура“.

„За САД, Северна Македонија постојано била бастион на стабилноста, тука на Балканот и како што велиме во САД не е до големината на кучето во борбата, туку е до големината на желбата за борба во кучето. За само три години како НАТО членка, Северна Македонија ја покажа својата сила и вредност како глобален безбедносен партнер. Во само три години вашата земја истапи и цврсто застана на вистинската страна на историјата, најпрво со кризата во Авганистан и сега со руската неиспровоцирана, немилосрдна и брутална инвазија на Украина. Не го потценувајте значењето на она што го стори вашата земја и не го потценувајте значењето на она што значи да се биде дел од Алијансата како НАТО“, додаде Агелер.

Нашата релација со Америка е стабилна во геополитичка смисла, рече во своето обраќање на конференцијата претседателот Стево Пендаровски.

„Се случија серија на настани и потези во деведесеттите од страна на САД и тоа стратешко партнерство се зацврсти. Затоа во однос на денешните предизвици на таа геополитичка поставеност на Северна Македонија кон САД, на САД кон нас и кон Западниот Балкан како регион, не трпи позначајни промени бидејќи таа геополитичка архитектура не може да се измести и бидејќи САД се прилично навлезени во регионот и во нашите билатерални односи“, рече Пендаровски.

Шефот на државата потсети и на зачленувањето на земјата во Обединетите нации и на американското партнерство во целиот процес кој е исто така интензивиран во последните години, како и на стратешките партнерства меѓу двете земји и големата поддршка што нашата земја ја добива од САД.

„Нашето партнерство со САД е основано на јасни вредности кои ги споделуваме и доминантно, македонските граѓани, не гледаат друга алтернатива на Западот. Незадоволство и фрустрации има заради бавните евроатлантските евроинтеграции, а пред сè и поради бугарското вето за ЕУ, но факт е дека нашите граѓани, и Македонците и Албанците, не гледаат друг актер кој би можел да ја замени улогата која САД ја имаат“, истакна македонскиот претседател.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...