„Собирам пари за УКИМ“ – уметничка акција за истакнување на проблемите на студентите

Уметничката инсталација пред главниот кампус на УКИМ наликуваше на бувљак - студентите „продаваа“ предмети и „собираа“ пари за да го поправат кровот на факултетот, за да се изгради зградата на ФИНКИ, за да се користи непиратиран софтвер на факултетите и за други проблеми

-

Студентите кои денеска ги запишуваа своите трети, петти и седми семестри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) налетаа на необична глетка – предмети како монитори, книги, јакни и камери распостелени на чаршафи, наликувајќи на некаков импровизиран „бувјак“. Предметите беа придружени со знаци како „Собирам пари за ФИНКИ зграда“ или „Собирам пари за рутер“.

Станува збор за уметничкa инсталација на група студенти и алумни од УКИМ. Поттикнати од нејаснотиите околу дополнителните давачки на Филозофскиот и други факултети, но и пошироко од мноштвото проблеми со кои се соочуваат на дневно ниво, студентите велат дека сакаат „јавно по уметнички културен пат“ да го искажат незадоволството околу условите за студирањето на УКИМ.

На импровизираниот бувјак, се „собираа средства“ за да се решат многуте проблеми на универзитетот. Знакот „Продавам за кровот да не протекува“ беше поставен до неколку кофи. На други знаци пишуваше: „Продавам за да имаме тоалети на Медицински“, „Собирам пари за обнова на професорски кадар“, „Собирам средства за да користиме непиратиран софтвер на факултет“, „Собирам пари за скрипти што не се преведени со Google Translate“, „Работам за да студирам“, „3000 денари го продавам за здрава топла храна во бифе“ и други.

Можеби најклучниот знак беше тој поставен кај знакот за Филозофскиот факултет: „Заслужувам да студирам“.

Фото: Мета.мк

„Да почнеме да ја подвлекуваме пораката: заслужуваме да останеме во сопствената земја, заслужуваме да студираме тука, заслужуваме да имаме соодветни услови, заслужуваме да се надминат тие безброј суштински проблеми и институционални сопки за да може да се остварат овие горенаведени заслужувања. Со заемен труд може да се постигне тоа надминување“, велат од групата студенти зад инсталацијата.

На изложбата имаше и кутија за поплаки, во која студентите можеа да стават ливчиња на кои напишаа проблеми со кои се соочуваат на факултетот.

„Неодржувањето, а врз тоа и нападот кој се извршува врз УКИМ, претставуваат смрт на науката, уметноста, јазикот, културата и воедно критичката и апстрактната мисла. Време е да се посвети повеќе внимание на студентите, ѕвездите на културното небо, а и на професорите кои треба да ги обучат и припремат за да се способни да ја издигнат и возвишат нашата држава по академски, промислен пат, претставувајќи ја нејзината сѐ уште неостварена иднина“, велат од иницијативата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Собирам пари за УКИМ“ – уметничка акција за истакнување на проблемите на студентите

Студентите кои денеска ги запишуваа своите трети, петти и седми семестри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) налетаа на необична глетка - предмети како монитори, книги, јакни и...