Владата да распише студентски конкурс за решение за фасадите на новите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ – ДИФ), бараат студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС УКИМ) испратило официјално барање до македонската Влада за ова прашање.
Во документот, студентите велат дека се незадоволни од моменталното решение, особено за фасадите на зградите чија изградба е во прекин со години. Бараат на конкурсот да може да се пријават студенти кои ќе создадат иновативен и одржлив дизајн соодветен за кампусот.
„По изразено незадоволство за моменталното решение, особено за фасадите на претходно наведените постоечки објекти, потребен е конкурс што ќе ги поттикне студентите да создадат иновативен и одржлив дизајн кој ќе соодветстува на кампусот. Ова овозможува да се спроведе најкреативното и најсоодветното економски исплатливо решение, избрано по критериуми на стручен кадар“, стои во барањето на УСС УКИМ до Владата.
Изградбата на несудените згради на ФИНКИ и ФФОСЗ-ДИФ која започна во декември 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“, осум години подоцна, не е завршена. Двете згради кои беше предвидено да бидат во барокен стил, требаше да ги решат проблемите на факултетите кои со години опстојуваат во лоши услови. Изведувач на градбата беше фирмата „Бетон-Штип“, но откако во јули 2019 отиде во стечај, изградбата прекина.
Поради ова, најголемата високообразовна установа во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), која, според податоците на Државниот завод за статистика од јули годинава, брои 4.722 студенти, останува без свој сопствен објект.
МЕТА ФАКТ: Помина уште една година, ветената доизградба на зградите на ФИНКИ и ФФК не продолжи
Студентите и вработените на ФИНКИ пролетва организираа протести поради немањето зграда и побараа што поскоро да добијат простории соодветни за бројот на студентите и видот на стуките кои ги изучуваат.
ФИНКИ на роденденски маратон до Влада: информатичарите бараат решение за немањето простор