На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) денес и утре (17 и 18 септември) е во тек вториот уписен рок за новите студенти. Слободни места се останати на повеќето факултети, а исклучок се Архитектонскиот и Факултетот за драмски уметности.
На Економскиот и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, останати се слободни места само за редовни студенти со школарина и за вонредни студенти, но не и за оние кои се финансираат од државниот буџет. Најмногу останати слободни места има на Природно-математичкиот факултет (вкупно 845), по што следуваат Факултетот за земјоделски науки и храна, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Филозофскиот и Машинскиот.
Износот на партиципацијата за студирање за редовните студенти во државна квота е непроменета и останува 200 евра годишно. Како и во минатите години, редовните студенти што ќе ги кофинансираат студиите и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно.
Прелиминарните резултати ќе бидат објавени во петок, на 20 септември, додека конечната ран-листа со решение за прием на кандидатите се очекува следната среда, на 25 септември. Запишувањето на кандидатите примени во вториот уписен рок ќе се одвива на 26 септември.
На УКИМ ќе има и трет уписен рок на оние факултети каде што останале слободни места и истиот е на 27 септември.