Израелските сили утрово започнаа обемна офанзива во Западниот Брег. Офанзивата вклучува напади со тенкови и артилериски оружја, воздушни напади, како и рации во камповите за бегалци. Според Црвената полумесечина, најмалку 11 лица досега се убиени, пренесуваат Би-би-си и Гардијан.

Израел тврди дека целта на нападот е да се спротивстават на терористички активности во градовите Џенин и Тулкарм.

Оваа офанзива доаѓа два дена по воздушен напад врз Западниот Брег, во кои беа убиени пет лица. Од почетокот на војната на 7 октомври, израелските сили и доселеници имаат убиено над 640 Палестинци во Западниот Брег, каде Хамас не е на власт.

Локалните новинари велат дека ова е најголемиот напад од Израел од Втората интифада, која се случи пред 20 години.

Две лица биле убиени во Џенин, четири лица во село во близина и четворица биле убиени во рација во камп за бегалци во близина на градот Тубас.

Дополнително, во Западниот Брег биле забележани багери како урнисуваат домови на Палестинци. Домови на Палестинци во Западниот Брег често се рушат од Израел, наводно поради тоа што тие немале дозвола за истите. Всушност, хуманитарни организации посочуваат дека на Палестинци им е исклучително тешко да добијат дозвола за градба. За разлика од нив, израелските доселеници лесно добиваат дозволи, кои меѓународниот закон често ги смета за нелегални.