Осумнаесетмина биле убиени во израелски воздушен напад врз училиште во Газа. Училиштето служело како засолниште за раселени Палестинци. Меѓу убиените има и шест работници на Агенцијата за палестински бегалци на Обединетите Нации (УНРВА), пренесува Гардијан.
„Тоа што се случува во Газа е целосно неприфатливо. Ваквите драматични прекршувања на меѓународното право мора итно да престанат“, изјави Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН).
Околу 5.000 лица престојувале во училиштето кога тоа било таргетирано.
Израелската војска соопшти дека нејзините воздушни сили „извршиле прецизен напад врз терористи кои оперирале во командно-контролниот центар на Хамас“ на територијата на училиштето, без да го образложи исходот на нападот или да ги открие идентитетите на убиените терористи. Дополнително, портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврди дека биле преземени „низа мерки за да се намали веројатноста за цивилни жртви“ во нападот, како што се употребата на прецизно оружје, воздушни снимки и дополнителни разузнавачки информации.
Шефот на УНРВА Филип Лазарини рече дека убиените работници помагала на семејства кои биле сместени во училиштето. Тој дополни дека најмалку 220 работници од УНРВА биле убиени од почетокот на војната.
„Персоналот, просториите и операциите на хуманитарните организации се целосно и бесрамно игнорирани од почетокот на војната“, додаде тој.
Во последните неколку месеци, израелските сили имаат таргетирано неколку училишта, тврдејќи дека Хамас оперираат од нив. Хамас ги негира овие обвиненија.