Украинските сили во последниот месец имаат заземено сто населени места во Русија и заробено 594 руски војници, соопшти украинскиот генерал Олександр Сирски, а пренесува Гардијан.
Руските сили се обиделе да извршат противнапад, но не биле успешни. Цифрите на Сирски сè уште не се независно потврдени.
Ова е првпат Украина јавно да го соопшти бројот на воени заробеници од почетокот на украинската инвазија во Русија, која започна на 6 август оваа година. Нејзината цел е да се ослабнат руските сили и да се стави притисок да се стави крај на војната.
Според Сирски, една од главните цели на украинската операција во граничниот регион Курск е да се пренасочат руските трупи од Украина.
„Досега, можеме да кажеме дека околу 30.000 војници се испратени на фронтот Курск, а оваа бројка расте“, тврди Сирски.
На крајот на претходната недела, Русија и Украина се согласија на размена на воени заробеници, со што секоја страна ќе ослободи 115 заробеници.
Сирски коментираше дека ситуацијата е тешка во украинскиот град Покровск. Во него има рудник за јаглен и градот е клучен центар за транспорт за украинската армија. Токму поради тоа што е стратешки важен град, тој е таргетиран од руски сили во изминативе недели.