Во тек е пријавување на повикот за субвенциониран студентски оброк за академската 2024-2025 година. Повикот трае до 5 септември и на истиот, освен тековните студенти, можат да се пријават и потенцијалните бруцоши, односно оние кои во меѓувреме ќе аплицираат за упис во прва година на факултет, потсетува Министерството за образование и наука (МОН).
За нив, во соработка со високообразовните установи, до 20 септември ќе се проверува дали се примени како редовни студенти.
Потребно е идните студенти-бруцоши да аплицираат на овој повик што трае до 5 септември со цел да може да добиваат средства за субвенциониран студентски оброк од почетокот на академската година, односно од 1 октомври.
Што е „субвенциониран студентски оброк“?
Субвенционираниот студентски оброк претставува финансиска поддршка во износ од 140 денари дневно што студентот ја добива од државата, преку Министерството за образование и наука, за купување на храна.
Право на субвенции за оброк имаат сите редовни студенти – државјани на Република Северна Македонија кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Право на оброк имаат сите студенти кои ги исполнуваат горенаведените услови, без разлика дали студираат на државен или приватен универзитет.
Субвенциониран студентски оброк, од друга страна, не им следува на вонредните студенти.
Како да аплицирате на повикот за субвенциониран студентски оброк?
Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот „е-услуги“ на МОН.
Откако студентот ќе се најави на својата постоечка, или пак ќе креира нова корисничка сметка, повиците може да ги најде во делот „Почетна“ – „Конкурси – Образование“. При тоа, за секој универзитет е објавен посебен повик. Потребно е студентот да аплицира на повикот за оној универзитет на кој планира да се запише.
Во пријавата е потребно да се внесат податоци како име, презиме, матичен број, адреса на живеење, број на лична карта, телефонски број и слично.
Од студентите се бара да наведат и број на трансакциска сметка која е активна до крајот на тековната година. Во ова поле, студентите може да ја наведат која било трансакциска сметка што е на нивно име, во која било банка.
При поднесување на апликацијата, студентите задолжително треба да ги пополнат и потпишат двата документа: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк (може да се симнат од овие линкови).
Во Пријавата и Изјавата, идните студенти-бруцоши не мора да наведат број на индекс, бидејќи сè уште не се редовни студенти – ова поле може да го остават празно.
Овие два документа може да бидат испечатени, потпишани рачно и скенирани, иако се прифаќаат и документи кои се пополнети и потпишани електронски.
Притоа, важно е студентите да наведат точни податоци, бидејќи МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за вработување (АВРМ), Управата за јавни приходи (УЈП) и студентските служби на факултетите.
Што по аплицирањето?
Статусот на својата апликација идните студенти-бруцоши може да го следат во делот „Мои апликации“ на „е-услуги“. Откако МОН ќе ја одобри апликацијата, нејзиниот статус од „Валидна“ ќе се промени во „Прифатено“.
По ова, студентите-бруцоши треба да очекуваат информации од Шпаркасе банка – банката која е надлежна за спроведување на мерката субвенциониран студентски оброк, за тоа како и на кој начин да си ги подигнат специјалните картички преку кои ќе може да купуваат оброци.
Банката ќе ги извести студентите-бруцоши за тоа како да ги ажурираат своите податоци и кога може да потпишат договор за отворање на сметка и да ги подигнат сините наменски картички.
Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна, односно во ресторани, пекари, сендвичарници, маркети и локални продавници кои прифаќаат плаќање со ПОС терминали.
Студентите ќе може да купуваат оброци исклучиво преку сините банкарски картички од Шпаркасе банка. Средствата ќе ги добиваат на неделно ниво, првиот работен ден во неделата (ќе добиваат по 840 денари за цела седмица – 6 дена по 140 денари).
МОН информираше дека секој месец, од први до петти, ќе бидат објавувани нови повици за субвенциониран студентски оброк за сите студенти што претходно не успеале да го остварат ова право. Тоа значи дека следниот повик ќе биде достапен од 1 до 5 октомври.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се наведени во конкурсот кој е достапен на овој линк.
Секој студент-апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, може да се обрати до Секторот за ученички и студентски стандард во МОН преку следниот контакт: [email protected] или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.