fbpx

Привршува судењето за пожарот во тетовската модуларна болница, следуваат завршни зборови

Следното рочиште е закажано за 25 април, кога ќе има завршни зборови на обвинителството и на одбраната, по што се очекува да биде донесена и пресудата

-

Во Основниот суд Тетово денеска заврши доказната постапка за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој на 8 септември 2021 година животот го загубија 14 лица, а десетина беа повредени.

Следното рочиште е закажано за 25 април, кога ќе има завршни зборови на обвинителството и на одбраната, по што се очекува да биде донесена и пресудата.

На денешното рочиште сведочеа тројца сведоци од одбраната.

Докторката Ерселе Треси од интернистичкото одделение, која била ангажирана во модуларната болница, на денешното рочиште сведочеше дека во модуларната болница во Тетово немало раководител, туку дека секој кој бил на смена бил одговорен за сè што се случува во болницата.

„Нашата работа беше да им помагаме на болните. Немавме лидер, сите беа одговорни кога беа на смена (се мисли на медицинскиот персонал)“, рече Треси.

Вработениот чувар во тетовската болница, Башким Ибраими изјави дека во модуларната болница видел противпожарни апарати.

„Мислам дека имаше три противпожарни апарати. Едниот го видов во ходникот, другиот во собата на медицинската сестра и третиот во магацинот. Во делот каде што беа пациентите не видов противпожарни апарати“, рече Ибраими.

Друг вработен во тетовската болница во одделението за одржување, Исмаил Серани, пред судот рече дека на вратата од модуларната зграда имало натпис дека на невработените им е забранет влез.

Обвинети во овој случај се поранешниот директор на болницата во Тетово, Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата во Тетово, Артан Етеми, одговорниот за ковид центарот, Бобан Вучевски и тетовската болница како правно лице.

Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за дела против општата сигурност.

Бобан Вучевски е обвинет по членот 206 за кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Тројцата пред судот изјавија дека не признаваат вина.

ЈЗУ Клиничка Болница Тетово, пак, е обвинета за загрозување на општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

За горенаведените дела, според Кривичниот законик, обвинетите лица, доколку бидат прогласени за виновни, можат да очекуваат казна до пет години затвор.

Во стравотниот пожар што ја претвори во пепел модуларната болница во Тетово, загинаа 14 пациенти кои се лечеа од Ковид-19, но и членови на нивните семејства кои беа внатре. Четиринаесет лица беа спасени пред целосно да изгори објектот.

Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница почна лани, на 7 декември.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

На затворена седница на Судски совет се одлучува за имунитетот на врховниот судија Георгиев, уапсен за примање поткуп

По денешното апсење на врховниот судија Наке Георгиев, поради наводно примање поткуп од 10.000 евра, на полноќ заседаваше Судскиот совет во однос на тоа дали треба да му биде...