По денешното апсење на врховниот судија Наке Георгиев, поради наводно примање поткуп од 10.000 евра, на полноќ заседаваше Судскиот совет во однос на тоа дали треба да му биде одземен имунитетот. На новинарите не им беше дозволено да ја следат седницата, односно јавноста беше исклучена поради заштита на угледот и интегритетот на судијата. За исклучување на јавноста гласаа сите десет присутни членови на Судскиот совет на вечерашната седница.

Обвинителството претходно побара мерка притвор за Георгиев, па од тие причини, Судскиот совет на итна седница мораше да заседава во однос на одземање на неговиот имунитет. Ова е од причини што за делото за кое со сомничи врховниот судија – примање награда за противзаконито влијание е пропишана затворска казна до пет години, а во тие случаи согласност за одземање на имунитет мора да даде Судскиот совет.

За дела за кои е пропишана затворска казна над пет години, не е потребна таква согласност, односно судијата автоматски останува без имунитет.

Попладнево, МВР соопшти дека лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

„Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, гласеше информацијата од МВР.

Според информациите во медиумите, Георгиев наводно ветувал олеснителни околности во случајот против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана.

Врховниот судија Георгиев кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули поднесе оставка од оваа функција пред официјално да даде заклетва, за да може неговиот син да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Акдемијата за судии и јавни обвинители. Сопругата на Георгиев, пак, работи како обвинител во Основното јавно обвинителство во Струмица.

Наке Георгиев не е непознат за пошироката јавност. Неговиот избор за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев, откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци.

За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, претходно беа разрешени тројца судии.