Каков мрак може да завладее во Србија доколку Н1 и Нова С не емитуваат програма

-

Програмскиот директор на независната телевизија Н1, Игор Божиќ денес кажа дека со 24-часовното неемитување програма сакале да укажат на тоа „каков мрак може да владее доколку ТВ Н1 и Нова С не емитуваат програма.“

Тој им се извини на гледачите што 24 часа не ја гледаа програмата, бидејќи како што рече, направен е мал трик и однапред не беше објаснето зошто се прекинува програмата за луѓето да веруваат дека телевизијата Н1 и Нова С веќе не се во кабелскиот систем.

„Целата таа игра, која постојано ја кажуваат властите е дека тоа е во интерес на сопствениците, не, тоа е во интерес на слободното новинарство. Наш интерес е да бидеме гледани, ако е можно, во цела Србија. Наш интерес е да се слушнат информации кои не се диригираат од еден центар“, рече програмскиот директор на Н1.

Тој додаде дека зад ваквиот драстичен потег се крие намерата гледачите да се поместат во реалноста за тоа што може да се случи доколку јавноста малку не реагира.

„Со оглед на сите притисоци што ги имаме, од омаловажување и навредување на новинарите, преку напади врз медиумите преку финансиски инструменти за на секој начин да ги спречат сите оние што сакаат да нè емитуваат… Систематски се работи на тоа да нè истиснат од пазарот затоа што ѝ пречиме на власта, затоа што кај нас нема забранети теми“, рече Божиќ.

Новинарката на Нова С, Јелена Обучина рече дека реакциите на граѓаните за потегот на Н1 и Нова С се – „што да гледам сега, Пинк со Задруга или Хепи, канал на кој се емитува руската пропаганда“.

„Мислам дека граѓаните добро разбраа дека би било страшно да биде така како што беше во овие 24 часа“, рече Обучина.

Телевизискиот канал Н1 беше поддржан од пратениците на опозицијата во српскиот парламент, кои на почетокот на седницата станаа и држаа документи со натпис: „Мрак во Србија без слободни медиуми“.

Божиќ вели дека не знаеле дека тоа ќе се случи и дека не се точни тврдењата на прорежимските таблоиди дека репортерот на Н1 им ги поделил тие транспаренти на пратениците во Собранието.

Кога станува збор за причината за еднодневното згаснување на програмата, истекот на рокот за доделување на петтата фреквенција, Божиќ вели дека претпоставува дека конкурсот е распишан со цел да се потисне јавноста која беше изнервирана од одлукате да се доделат четири национални фреквенции на истите телевизии што ги имаа претходно и целото време ги кршеа правилата.

„И јавноста заборава како минува времето, тоа беше во август, а сега сме декември. Луѓето забораваат дека имало конкурс и дека ништо не е сменето“, вели програмскиот директор на Н1.

Обучина оценува дека претседателката на Советот на РЕМ, Оливера Зекиќ, не знае дали ќе биде доделена петтата фреквенција и дека одлуката ќе биде објавена ноќта претходно, за членовите на РЕМ да знаат како да гласаат. Таа додава дека би сакала претседателот на Србија да го демантира тоа што таа и Божиќ го кажуваат со тоа што ќе објави дека Нова С добила фреквенција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Собирам пари за УКИМ“ – уметничка акција за истакнување на проблемите на студентите

Студентите кои денеска ги запишуваа своите трети, петти и седми семестри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) налетаа на необична глетка - предмети како монитори, книги, јакни и...