Нова дојава за поставена бомба во девет училишта и НБРСМ

Фото: Архива на Мета.мк

Училиштата за средно образование „Михајло Пупин“, „Орце Николов“, „Владо Тасевски“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Панче Арсовски“, „Арсениј Јовков“ и „Цветан Димов“, денеска на електронските пошти добиле мејл со закана за поставена бомба. Освен тоа, за прв пат денеска се случи и институција која не е образовна, односно Народната банка, да добие дојава со закана за поставен експлозив во зградата.

Во содржината на мејлот до која дојде Мета.мк, а која е испратена до училиштата, испраќачот, потпишан како „Levitsa Objava“, напишал дека целта е уништување на училишната зграда, а има и закана дека ќе ја срушат Владата на РСМ без дополнителни детали на што точно се мисли.

За дојавата информираше и Министерството за внатрешни работи.

„Околу 09.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на девет средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите. Околу 10 часот и од НБРМ било пријавено дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа“, информираа во МВР.

Директорот на гимназијата „Никола Карев“, Андреј Манолев, за Мета.мк кажа дека ова постојано се случува кога на смена се учениците во втора и во четврта година.

„Овие ученици многу губат од наставата со ваквите вонредни состојби и евакуации. Професорите се обидуваат да надоместат така што организираат настава пред часови, после часови, а дел од наставата се организира и онлајн“, вели Манолев.

Тој оценува дека учениците од трета и четврта година се оштетени генерации и тоа ќе се одрази во нивното понатамошно образование, бидејќи во изминативе години средношколците многу изгубија од наставата.

„Две години учеа онлајн во ковид пандемијата. Потоа, не одеа на настава заради штрајкот на просветните работници. Сега се случува ова со дојавите за бомби. „Дупките“ во знаењата ќе бидат видливи кога ќе полагаат државна матура, па и подоцна, во текот на студиите“, вели Манолев.

Првата дојава за поставена бомба беше испратена на 26 декември и тогаш мејлот испразни пет скопски гимназии. Досега за сите испратени дојави се утврди дека се лажни. Секоја содржина на испратените мејлови беше различна од претходната. Во еден од мејловите испраќачот бараше поткуп, во друг имаше прикачено вознемирувачка фотографија со бомби, во трета пак, имаше цитат од шегата на Путин. На 1 декември за прв пат се случи дојава за бомба да добијат и училишта за основно образование во земјава. Стануваше збор за „Кочо Рацин“ и „Петар Поп Арсов“, а ден потоа, дојава доби и училиште во Крива Паланка, па следуваа училишта во Кавадарци.