fbpx

Протест за Тамара: Кога системот убива дете, што останува како утеха?

-

Неколку стотини граѓани денеска под мотото „Секое наше дете е Тамара“ се собраа во Младинскиот парк во Велес за да го изразат револтот и да побараат одговорност за здравствените власти за смртта на деветгодишната Тамара Димовска, која боледуваше од сколиоза и почина чекајќи одобрение за седмата операција.

– Денеска се собравме повторно предизвикани од човечка грешка! Се собравме да се солидаризираме во тагата! Потешко не може да биде! Денеска, овде во Велес, на мирен начин кажуваме дека знаеме кој е виновен за смртта на нашата Тамара! Вака собрани, сакаме да порачаме дека за детскиот живот нема преголема цена и да прашаме: Која Тамара е следна? – порачаа организаторите на протестот.

Во обраќањето пред граѓаните, организаторите истакнаа дека ова е доказ за бруталната неморалност на системот и за негрижата за обичниот човек, за децата.

– Кога системот убива дете, што останува како утеха? Нема утеха! Има само гнев, тага и недоверба. И тоа, недоверба кон министерот за здравство, кон Фондот за здравство, кон лекарската комисија, кон Јавното обвинителство, кон судството… Одовде, јавно и гласно, порачуваме дека бараме да бидат казнети и да одговараат сите тие што придонесоа за прераната смрт на нашата Тамарa – рекоа во обраќањето.

Организаторите на протестот, заедно со мајката на Тамара, побараа одговорност од министерот за здравство Никола Тодоров, директорите на ФЗО, Маја Парнарџиева-Змејкова и Џемали Мехази.

– Министре, поднеси оставка за да се врати надежта дека системот ќе функционира. Сфати дека ти ги даваше изјавите и сега потврдуваш дека ти наложуваш, ама, Никола, ефектот е згаснат детски живот. Што треба повеќе да се случи за да си заминеш? Бараме одговорност и од директорката на Фондот за здравство, Маја Парнарџиева-Змејковска, која се правдаше дека „Фондот сторил сè што е во законска можност“! Бараме одговорност од Јовица Андовски, заменик-министер, и од вториот директор, Џемали Мехази – рекоа организаторите.

Мајката на Тамара порача дека нема да се откаже од барање одговорност и им порача на медиумите што досега не го следеле случајот да почнат да се инволвираат за да не се случуваат вакви случаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.