fbpx

Заев објави снимки за местење судии и пресуди и за партиски пазарења

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на прес-конференција ја обелодени втората „бомба“, во која преку снимени телефонски разговори посочува дека нема владеење на правото и оти судската и извршната власт воопшто не се одделени. Од разговорите може да се чуе местење судски процеси, назначување судии и  поништување судски пресуди.

Во првата од петте снимки, кои денеска ги презентираше лидерот на опозицијата, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, договараат пресуда за блиска соработничка, која подоцна ќе ја користат за избор и за разрешување судии.

Министрката Јанкулоска, на втората снимка му соопштува на вицепремиерот и министерот за финансии, Зоран Ставрески, дека договорила со сегашниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, да ја отфрли кривичната пријава против Ставрески. Во разговорот, Јанкулоска потврдува дека Зврлевски ја отфрлил пријавата и посочува дека наскоро ќе се сретнат затоа што ѝ бил потребен за уште неколку други случаи. Исто така, министрката вели дека Зврлевски и самиот имал проблеми, а таа му служела како психијатар.

Во презентираните разговори, има и снимка од разговорот на директорот на разузнавачката служба Сашо Мијалков со Муса Џафери, поранешен вицепремиер за Рамковен договор, во кој го договараат изборот на претседател на Врховниот суд. Во разговорот Мијалков му вели на Џафери дека тоа што веќе е договорено не би требало да се стопира без претходни консултации и договори. Исто така, Мијалков му посчува на Џафери кои места во судовите веќе ги има ДУИ, додавајќи дека предлогот за претседател на Врховен суд треба да се изглади за  да нема проблеми и напади од страна на медиумите. Во разговорот, Мијалков напоменува дека разговарал и со Абдилаќим Адеми и со Блерим Реџепи, но оти од нив не добил никаков одговор.

Јанкулоска во четвртата презентирана снимка се консултира со градоначалникорт на Прилеп, Марјан Ристески, дали судијата Никола Крстески од прилепскиот суд е доволно „нивен“ и дали може да застане стопроцентно на нивна страна во случај да им затреба.

Во последниот разговор може да се слушне уредникот на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, како со судијката Филимена Маневска, сопруга на поранешниот министер Михајло Маневски, договара Апелацискиот суд да не им ги враќа пресудите на повторно судење.

– Ова што го слушнавте е запрепастувачко, грозно. Ова недвосмислено открива зошто затворите во Македонија се полни со политички затвореници, како се монтираат судски процеси против неистомислениците, како се местат судски пресуди против новинари што не се соработници со власта и против секој кој не е соработник со власта. Почитувани граѓани, прекршени се членовите 17, 18 и 25 од Уставот на Македонија, кои се однесуваат на слободата и на тајноста на комуникацијата, гаранција на приватноста, достоинството и на угледот на граѓаните. Прекршени се и членовите 8 и 98 и 106 од Уставот, кои се однесуваат на владеењето на правото, поделбата на власта на законодавна извршна и судска, и на самостојноста и независноста на судството и Јавното обвинителство. Сега веќе е јасно кој прави насилство и кој го урнисал уставниот поредок – изјави Заев на крајот на прес-конференцијата.

На изјавите на Заев со соопштение реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека тој само докажува дека е инструмент на странските разузнавачки служби.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...