Пендаровски се сретна со Лара Станчева, која освои трета награда на литературен натпревар во Токио

Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Лара Станчева, ученичка во седмо одделение во ООУ „Лазо Трповски“ – Скопје, добитничка на трета награда на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 во Токио, информираат од Кабинетот на Претседателот на РСМ.

На реномираниот натпревар во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, што се одржа во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите Нации за одржлив развој на образованието“, Станчева наградата ја освои во конкуренција на 28.217 учесници од 161 држава.

Претседателот Пендаровски упати честитки за постигнатиот успех на Станчева, оценувајќи дека добиената награда е гордост за целата држава, имајќи ја предвид силната конкуренција и големиот број на учесници на натпреварот од целиот свет.

Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“ училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар, покрај Станчева, го претставуваа уште две ученички, Милена Милошевска и Тамара Ѓоќеска, под менторство на предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски.

Нашата држава учествува на меѓународниот натпревар континуирано од 2011 година.