Околу 62 отсто од руралните жени не работат, односно не се активни на пазарот на трудот поради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми, што е поразителен податок. Тие се соочуваат со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.
Ова го посочи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на регионалниот Форум на политики за рурален развој, во организација на Балканската мрежа за рурален развој.
„Преку Законот за родова еднаквост, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, наша заложба е да придонесеме жените подеднакво да учествуваат во креирањето на улогите во општеството“, рече Шахпаска и додаде дека, преку изградба на нови детски градинки, домови за стари лица, децентрализација на социјалните услуги, се менува улогата на руралната жена и се овозможува нејзино активно учество на пазарот на труд.
МТСП подготвува нова Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година, чија цел е унапредување на положбата на жените во руралните средини, а во соработката со Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство и поддршката на UNWomen се креира мерката 115 за финансиска поддршка на жени земјоделки, која има за цел подобрување на економската положба на жените и зголемување на бројот на регистрираните жени во земјоделството.
На Форумот како значајна беше посочена и директната поддршка на младинското и женското претприемништво преку грантови од 5.000 до 15.000 евра за почеток на сопствен и нов бизнис, ослободување од данок на новосоздадени приватни претпријатија формирани од млади до 30 години или жени и вклучување на жени кои немаат приходи и се над 65-годишна возраст во системот на социјална заштита.