Поплавите во Пелагонија предизвикаа вистинска политичка бура на денешната седница на Советот на Општина Битола. Двете главни прашања на кои спореа советниците од власта и од опозицијата беа кој е виновен за оваа катастрофа што им се случи на пелагониските села и на полето, како и тоа кој треба да понесе одговорност за настанатите штети.
Советникот од опозициската ЛДП, Валентин Груевски, повика да се најде виновникот за поплавувањето на битолскиот дел на Пелагонија и да се поведе истрага доколку навистина се основани обвинувањата на дел од мештаните од Могила дека намерно биле срушени насипи на реката Црна кај Тополчани за да се спаси прилепското поле.
– Тие признаа дека ако беше исчистено коритото на Црна, штетите сега ќе беа за 50 отсто помали. Исто така, бараме да се открие и казни виновникот доколку се покажат како вистинити сомнежите дека насипот во Прилепско е срушен и, како последица на тоа, имаме вакви катастрофи во Могила и во Новаци – вели Валентин Груевски.
Советникот Александар Касапов обвини дека најголемата вина за поплавената Пелагонија е во актуелната власт.
– Ако вака се подготвуваат за невремето што остави десетици села и илјадници хектари под вода, навистина сакам да го прашам министерот Јанакиески што ќе се случаше ако не се подготвуваа – вели Касапов
Советниците од власта, пак, уверуваа дека локалните власти ги презеле сите мерки и сториле сè при една ваква природна непогода.
– Да не се користи ситуацијата за добивање политички поени. Ова што се случува во Битола и кај нашите соседи во Могила и во Новаци е последица на една природна катастрофа – вели Златко Милошевски, советник на ВМРО–ДПМНЕ.
На обвинувањата на опозицијата, одговорија и од Кризниот штаб на Битола, наведувајќи дека ако не се преземеа мерки за справување со водите на Црна, штетите би биле уште поголеми во Пелагонија.
А.Б.