Премиерот Зоран Заев денеска ќе одржи средба со претседателот на БЕСА, Билал Касами, на која ќе се обиде да го убеди да ги поддржи уставните измени.
Средбата е закажана за во 16 часот во Владата.
Заев е оптимист дека ќе обезбеди двотретинско мнозинство и дека процесот на имплементацијата на Преспанскиот договор ќе заврши успешно, но вели дека бројката на пратеници ќе се знае на денот на гласањето.
– Конечниот број ќе го видиме на денот на гласањето. Седницата е закажана за 9 јануари, а според најавите за неприсуство на опозицијата, очекувам дека расправата би траела два-три дена. Чинот на гласањето ќе го покаже резултатот од дебатата, усвојувањето на амандманите, забелешките, вербата. Разговорите со политичките партии продолжуваат – рече Заев на вчерашната прес-конференција во Министерство за финансии.