Најдоцна вo март следната година ќе заврши изградбата на конаците на манастирот Трескавец кај Прилеп, коишто изгореа во пожар на 4 фебруари 2013 година.
Според директорот на Завод и Музеј- Прилеп, Благоја Атанасоски, годинава интензивно се работело на реконструкција на конаците, според проект којшто го враќа нивниот автентичен изглед од 19. век, кога прв пат биле изградени.
– Освен градежните работи за финиширање на изградбата на конаците, работат паралелно два тима стручњаци со цел да се изготви проeкт за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата, магерницата и трпезаријата. Рокот е до крајот на годинава, така што на пролет овие проекти ќе бидат готови и ќе може непречно да се реализираат и овие активности – истакнува Атанасоски.
Црквата Успение на Пресвета Богородицa, во рамките на манастирот, датира од 14. век и со својот богат живопис е значаен споменик на културата, заштитен со закон.
Манастирот Трескавец, чии што конаци досега три пати изгореле во пожар, е на листата незаштитени споменици на културата од УНЕСКО.
– Со сите овие активности што ги преземаме, со реализација на проектите, манастирот Трескавец и црквата ќе бидат целосно заштитени од забот на времето.Тие се заштитени споменици на културата со закон, но досега не биле преземани други активности за заштита на нивната архитектура и живопис – директорот на Завод и Музеј – Прилеп.
Инаку проектот за конаците е вреден 2,2 милиона евра и е целосно финансиран од Министерството за култура. Доколку во иднина се обезбедат средства во манастирот да се изгради и водовод, а имајќи предвид дека до манастирот води и асфалтиран пат во должина од седум километри, овој споменик на културата ќе биде лесно достапен и ќе ги исполнува сите услови за да биде дел од туристичката мапа на Македонија.