Бугарија е многу загрижена од ескалацијата во Македонија во врска со договорот за новото име на државата, рече бугарскиот претседател Румен Радев на денешната прес-конференција во Софија, по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Радев го повика Иванов да не биде само учесник, туку и водач во дијалогот меѓу институциите во Република Македонија, бидејќи, како што истакна, тоа е важен услов за постигнување на стратешките приоритети – членство во ЕУ и НАТО.
– Бугарија го прифаќа договорот меѓу Македонија и Грција за името, особено заради тоа што ќе ги отстрани пречките на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО – рече Радев.
Бугарската поддршка на договорот за името, како што истакна, е поврзана со стриктно почитување на договорите што Скопје и Атина ги имаат со Софија.
Иванов во Софија требаше да се сретне и со бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, но средбите во последен момент беа откажани.