Граѓаните на Република Македонија денеска по којзнае кој пат беа сведоци дека пратениците на владејачкото мнозинство на чело со СДСМ уште еднаш ги ставија во преден план партиските и личните интереси наспроти интересите на граѓаните на Република Македонија, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на прес-конференција во Собранието на Република Македонија.
– Иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за намалување на акцизата за 3 денари, односно враќање на акцизата за дизел горивото во првобитна состојба како пред први јануари 2018 година, со што треба да се растеретат трошоците за индустријата, стопанството и за сите граѓани, беше одбиена од собраниското мнозинство. Кога власта беше опозиција ветуваше живот, а само една година откако се на власт дојде живот, но како што велат граѓаните, дојде доста поскап живот – рече Данев.
Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, зголемувањето на акцизата индустријата ја чини близу 5,5 милиони евра, а транспортот го чини 32 милиони евра.