Мотивацијата со којашто влегуваме во овој процес е силна и како држава подготвени сме да преземеме брзи, и таму каде што е потребно, радикални реформи, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи кој ја предводеше владината делегација на Самитот на шефови на држави или влади на земјите-членки на процесот на соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува на Брдо кај Крањ, Словенија.
Тој посочи на охрабрувачката содржина во минатонеделниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјата, и безусловната препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ.
– Во овие турбулентни времиња важно е тесно да соработуваме за зголемување на вкупната безбедност во регионот – истакна Османи и додаде дека Самитот овозможува да се осознаат предностите на регионалната соработка, инклузивноста, посочувајќи на квалитетот и предностите при изградбата на добри меѓусебни односи. Во овој контекст, Османи заклучи дека земјите од Регионот заради заедничкиот географски, историски и социо-економскиот потенцијал треба да ја споделуваат и заедничката европска иднина.
Во рамките на посетата, Османи ќе има и билатерална средба со Јоанис Аманатидис, заменик министер за надворешни работи на Грција, каде ќе бидат отворени прашањата за унапредувањето на меѓусебната соработка, предизвиците на тој пат, како и можностите за соработка за искористување на регионалните и европските инцијативи.