fbpx

Прва 30-годишна државна обврзница на македонскиот пазар на капитал

-

Денеска за првпат на македонскиот пазар на капитал е издадена државна обврзница со време на достасување од 30 години, информираат од Министерство за финансии.

„Ова е сигнал за довербата на инвеститорите во македонската економија, бидејќи зголемената рочност, односно време за враќање на средствата, укажува на зголемена доверба. Големата доверба се покажа и преку двојно поголемата побарувачка на инвеститорите за 30-годишната обврзница во однос на понудениот износ од Министерството за финансии“, информираат од таму.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски вели дека економските показатели укажуваат на  раздвижување на економијата.

„Безусловната препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, добрата фискална политика и подобрувањето на изгледот на кредитната агенција „Фич“ за Македонија, доволно говорат за патот по кој се движиме. Врз основа на сето ова може да излеземе на пазарот со инструмент како 30-годишна државна обврзница, кој укажува на силна доверба од инвеститорите“, вели Тевдовски.

Инвеститори во 30-годишната обврзница се приватните пензиски друштва и осигурителни компании.

„Имајќи ги предвид обврските на фондовите, целите кон кои е насочена инвестиционата стратегија и возраста на членството на фондовите, инвестирањето во 30-годишна обврзница е од најдобар интерес на нашите членови и остварување на нивните долгорочни цели. Макроекономската стабилност и позитивните очекувања за долгорочен раст, дополнително даваат поткрепа на одлуката за инвестирање во овој инструмент “ истакнаа од КБ Прво пензиско друштво.

Новата 30-годишна обврзница е продадена на сума од 19,5 милиони евра, што претставува половина од побарувачката од страна на инвеститорите, каматна стапка е 4,85 отсто.

„Покрај довербата, издавањето на долгорочни хартии од вредност го намалува ризикот на рефинансирање на јавниот долг“, дополнуваат од Министерство за финансии.

Македонија, покрај Словенија, е единствената земја во регионот која издала 30-годишна обврзница. Најблиску до оваа рочност во регионот дошле членките на Европската Унија – Бугарија која издала 20-годишна обврзница и Хрватска каде најдолг рок на кој е издадена државна обврзница е 13 години.

Од Министерство за финансии појаснуваат дека обврзници со достасување од 30 години имаат земји како Германија и САД. Обврзница со највисока рочност има издадено Австрија, односно 100-годишна обврзница.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...