Премиерот Зоран Заев одржа средба со премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, пред почетокот на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба, на кој Македонија претседава и е кодомаќин со Црна Гора.
– Успехот на новата влада за напредок на Македонија е мотивација за регионот. Капацитетите на владата да ги сработи потребните реформи се видливи. Се надеваме дека и Македонија ќе стане членка во НАТО – изјавил Марковиќ.
Црногорскиот премиер истакнал дека имало голема промена во интересот на странските инвеститори за вложувања во Црна Гора откако државата стана членка на НАТО.
– Имаме стабилна влада, која ги обединува сите граѓани и етнички заедници во државата. Енергично работиме на потребните промени, вклучувајки ги сите во општеството. Ги развиваме искрено и динамично добрососедските односи. Со ова, веруваме дека ги отвораме европските перспективи и се надеваме дека ќе бидеме следната членка на НАТО – изјавил Заев.
На Самитот предвидена е и работна сесија на која свои излагања, освен Заев, ќе имаат и премиерите на земјите членки на Јадранската повелба: на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ, на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи, на Србија, Ана Брнабиќ, на Словенија, Миро Церар, и на Косово, Хашим Тачи.
На Самитот во македонската делегација се и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, заменик-претседателот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и пратеникот Стево Пендаровски.