fbpx

Заев утре првпат официјално во Брисел, на средби со Туск, Могерини, Хан и со Столтенберг

-

Премиерот Зоран Заев утре во Брисел ќе се сретне со високи претставници на ЕУ и на НАТО, информираат од Владата. Ова претставува прва официјална посета по преземањето на должноста претседател на Владата.

Оттаму велат дека целта е Владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграциите во ЕУ и во НАТО, како стратешка цел на земјата и да ги презентира реформските приоритети во агендата на Владата за враќање на земјава на патот на евроатлантските интеграции.

Премиерот Заев при посетата на Брисел ќе биде придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Тие, во седиштето на Европската комисија и на Европскиот совет во Брисел, ќе се сретнат со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, и со еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.

„Како премиер, длабоко ги ценам пораките за поддршка на новата Влада кои деновиве ги добив од челниците на ЕУ и на НАТО. Сите без исклучок гледаат голема надеж во мојот кабинет и во новата влада да ја врати земјата на европскиот пат. Тоа за нас е дополнителен мотив веднаш да се зафатиме со реформските процеси што сме ги ветиле пред граѓаните и пред нашите пријатели во Брисел, да претставиме конкретна реформска агенда која ќе ги деблокира процесите за напредок кон членство во ЕУ со обновување на препораката за почеток на преговори, која поради политичката криза е замрзната веќе две години. Со конкретен план за реформи во соработка со институциите на ЕУ, Владата е силно посветена на наоѓање решенија за отворање на поглавјата 23 и 24“, порача Заев.

Владината делегација ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„На средбата, владината делегација ќе ја презентира решеноста за унапредување на добрососедските односи врз основа на заемно почитување, определбата да се продолжи со придонесот во мисиите на Алијансата, како и заложбите да се обезбедат сите потребни услови за понатамошно осовременување на Армијата на РМ во согласност со стандардите на НАТО“, информираат од Владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...