Попладнево бугарскиот парламент го одобри составот на новиот владин кабинет предводен од претседателот на ГЕРБ, Бојко Борисов, по што министрите положија заклетва и официјално ја презедоа власта.
Малку подоцна, во седиштето на бугарската влада се одржа примопредавањето на должноста меѓу техничкиот премиер Огњан Герџиков и Борисов. Во моментов на веб-страницата на бугарската влада се поставени само имињата на новите министри, без нивните биографии, а празен е делот за премиерот.
Во новата влада вицепремиер за јавен ред и безбедност и министер за одбрана ќе биде и лидерот на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, познат по своите националистички ставови за идентитетот на Македонците.
Министер за надворешни работи ќе биде Екатерина Гечева-Захариева, која во техничката влада беше министер за правда.
Ова е третиот мандат на Бојко Борисов како премиер на Република Бугарија.