Специјалното јавно обвинителство очекува поддршка од Собранието за продолжување на рокот за поднесување обвиненија, велат за „Мета“ од СЈО.

„­Ова јавно обвинителство повеќепати јавно апелираше за потребата од промена на рокот за поднесување обвиненија. Во таа насока очекуваме од сите субјекти да ја увидат таа неопходност и да искажат конкретна поддршка“, стои во одговорот од СЈО на нашето прашање дали Специјалното јавно обвинителство ќе поднесе иницијатива до новиот парламентарен состав за продолжување на мандатот за отворање истраги и за поднесување обвиненија.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим имаат уште точно еден месец (значи до 4 јуни, односно 30 јуни) за отворање истраги и за поднесување обвиненија за случаите што се поврзани и кои произлегуваат од „бомбите“ на СДСМ, односно од незаконското следење на комуникациите.

Ова произлегува од актуелниот Закон за СЈО, во кој е определено дека СЈО има 18 месеци „од преземањето на предметите“ за отворање или затворање на истраги и на обвиненија. Имено, СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на двапати, на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година.