Македонските компании ќе имаат можност за извоз на своите производи во францускиот регион Алзас, откако повеќечлена делегација од тој регион е во посета на Македонија заради унапредување на економската соработка на регионално ниво меѓу двете држави.
Можности за соработка има во областа на машинската, електроиндустријата, текстилната индустрија, туризмот, ИТ, енергетскиот сектор.
– Ние во Франција извезуваме текстил, вода, машинска и електро-опрема. Увезуваме фармацевтски, козметички производи и автомобили. Според структурата на производите, цениме дека соработката е недоволна и има можност за проширување на спектарот на производи за извоз, пред сè, од конзервната и од кондиторската индустрија, текстилот, ИТ-секторот, градежништвото – изјави извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.
Француската амбасадорка Лоренс Оер истакна дека соработка меѓу компании од Македонија и од Алазас била остварена пред две години во рамките на проектот „Патот на виното“, при што се промовираа вина од Алзас во Македонија и македонски вина таму.
– Овде сме да ги запознаеме карактеристиките на земјата, да ги слушнеме очекувањата и предизвиците кон европскиот пат кои заеднички ги делиме. Постојат различни области за унапредување на економската соработка. По првичното запознавање, очекуваме да воспоставиме контакти со компаниите за конкретна соработка и да ги пречекаме во нашиот регион – изјави заменик претседателот на Агенцијата за промоција на регионот Алзас, Мари Рен Фишер.
Во првиот квартал, извозот во Франција изнесува 8,3 милиони долари, а увозот 33 милиони долари. Трговската размена меѓу двете држави е 41,3 милиони долари.
Франција е 23. трговски партнер на Македонија.