Директорите на охридските општински јавни претпријатија своите плати ги зголемиле за 10.000 денари, во исто време додека на вработените им доцнат платите, обвинија денеска од општинска организација на СДСМ.
– Вработените работат за плата не поголема од 15.000 денари, а имаме сознанија дека директорите преку ноќ си донеле одлука, преку нивните управни одбори, да ги зголемат платите за 10.000 денари и сега им изнесуваат повеќе од 46.000 денари, наводно поради големиот обем на работа и квалитетно сработени задачи – рече советничката Жаклина Лазареска.
Таа додаде дека во јавните претпријатија голем број од вработените одат на принуден одмор и земаат 70 проценти од платата, а истовремено на нивните места се вработуваат членови на владејачката партија кои се без соодветно знаење и искуство.
Лазареска праша дали во дадениот отчет на градоначалникот Никола Бакрачески, во кој е прикажано дека за потребите на јавните претпријатија се издвоени повеќе од пет милиони денари, во износот се вкалкулирани и зголемените плати на директорите.