(ИНТЕРВЈУ) Зоран Милошевски: Целта на научната фантастика е да даде едно поинакво гледиште на работите

Македонскиот автор на научно фантастични романи во разговор за Мета.мк вели дека иако не постои виситинска традиција на творештво во тој жанр во државата, младите автори ги сфаќаат своите дела сериозно и истите може да се мерат со светските НФ романи

Зоран Милошевски писател на научна фантастика | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Зоран Милошевски е македонски автор на научно-фантастични романи, вклучително серијалот „Последна граница“, кои го сочинуваат четири веќе издадени дела, а Милошевски моментално работи на петтиот и последен дел.

Тој е инаку дипломиран правник, но пред сè, тој е љубител, колекционер и архивист на научни фантастични дела. Тој ги има собрано сите македонски научни дела од овој жанр, а имаме и објавено блог во кои ги има сите наведено. Во разговор за Мета.мк вели дека иако постарите домашни автори кои пишувале во овој жанр можеби имале и наивен пристап, современите автори на научна фантастика (НФ) ги сфаќаат своите дела сериозно и нивните книги може да се мерат со светските дела.

Со своите дела, Милошевски исто така му оддава почит на жанрот кој нему му е толку драг. Низ неговите книги (кои вкупно засега се за само 100.000 зборови подолги од „Војна и мир“ на Толстој) читателот можеби ќе се загуби во „неократијата“, називот за комплексното општествено уредување кое е во фокусот на „Последна граница“.

Мета.мк разговараше со Милошевски за неговите книги, неговите најомилени дела од НФ жанрот, и многу повеќе.

Дали и вие за серијалот на книги „Последна граница“ употребувате историски мотиви како што тоа го има Џ.Р.Р. Мартин во книгите „Игра на тронови“ со историските настани околу „Војните на Ружите“. Дали проткајувате и мотиви од македонската историја за да отсликате симболики кои вреди да се истакнат како културни обрасци, секако со цел на премостување на култури?

Што се однесува до историските мотиви во „Последна граница“ одговорот е не. Во првите три дела, „Истапени сечила“, „Бунар оловни солзи“ и „За грст пекол“, ниту еднаш не се потпрев на историски настан од нашата или некоја друга историја, освен во дел од третата книга каде се зборува за Априлската војна, кога Кралството Југославија било нападнато од нацистичка Германија, што вистинско се случило. Мојот дедо лично учествувал во тие битки. Сосема спротивно e со четвртиот дел „Калени во крв“. Книгата е составена од две приказни кои се одвиваат паралелно. Првата од нив, онаа за семејството Ваго, е инспирирана од настаните кои му се случиле на моето семејство во првата четвртина од 20-от век. Сите (или барем повеќето) ликови навистина постоеле, биле личности од крв и месо, и поголемиот дел од настаните навистина се одиграле.

Иако во вашиот серијал можеби не се работи за изменета историја, станува збор за можна иднина и за сосема нов хаотичен светски поредок што колку напредувал технолошки толку и се уназадил, како што може да се види појавата на „Големите Куќи“ кои служат како главни организации во тоа општество. „Братсвото на Интервентите“, пак, се друг вид владетели чија најголема доблест е мудроста и знаењето, односно информацијата. Оттука произлегуваат и шпионските мисии, војните интервенции и контролирањето на распределбата на моќта и власта и поместувањето во корист на едните или другите. Како го доживувате општественото уредување на вашиот свет, односно „неократија“, како што го нарекувате?

Секоја промена бара трпение, посветеност и жртви. Промените на општествено ниво најчесто се крвави и низ револуција, но имаме и примери на мирни трансфери од едно уредување во друго. Неократијата настапува сосема поинаку, во век каде луѓето се зависни од технологијата и не ги подигаат погледите од телефоните, свет кој се дави во загаденост и ѓубре, логично дека промените би настапиле мирно и плански (кога не би постоела критична маса која би се спротивставила). Братството на Интервентите е замислено како супертајно друштво од интелектуалци, целосно посветено на опстанокот на човештвото и планетата. Немаат ограничувања, и оттука произлегуваат тајните мисии и ред други активности. Интервентите се безмилосни и фанатично посветени, a и со неограничено трпение, и затоа нивните дела вродуваат со плод. Неократијата е антипод на демократијата, но на еден сосема поинаков начин.

Корицата на првиот дел на серијалот „Последна граница“

Велите дека првите сто страници од првата книга „Истапени сечила“ ја поставуваат главната основа за дејството. Дали целевте тоа да е главната цел на истите?

Секогаш објаснувам дека всушност целата „Истапени сечила“ е воведна. Првите шеесет страници се огромен пролог, кој се состои од три различни приказни кои ве внесуваат во понатамошните дејствија. Последните триесет страници од книгата, пак, се еден вид додаток, во кој се објаснува новиот светски поредок, односно како настанале Големите Куќи, околу кои се врти целото дејство. Понатаму, приказната е исполнета со стотици ликови, настани, битки и војни кои се одвиваат во текот на следните неколку векови. Всушност, со текот на читањето сфаќате дека неократијата е вистинскиот главен лик во серијалот. Првите сто страници се клучни бидејќи отприлика токму тука читателот одлучува дали ќе продолжи со читање или ќе започне нешто друго. Затоа инсистирам на трпеливост, особено во првите 100-150 страници, додека не ги запознаете ликовите и времето во кое живеат. Научната фантастика како жанр кај нас не е многу застапена и има строго ограничен број на читатели, па за да ги привлечете другите е потребно од нив трпение и убедување да ѝ дадат шанса. Резултатот е следниот: сите кои ме послушале, не зажалиле.

Корицата на вториот дел на серијалот „Последна граница“

Особено значење обрнувате на војничкото однесување, опфаќајќи прашањата за чест и должност. Дали го гледате серијалот како критика на сегашноста или како нешто што нуди алтернатива?

Најголема грешка при читањето на едно научнофантастично дело или гледање на научнофантастичен филм е да го гледате со сфаќања од моментална/денешна гледна точка. Тоа не е смислата на научната фантастика, нејзината цел е да даде една поинаква перспектива, едно поинакво гледиште на работите. Истата грешка ја прават и повеќето режисери кои се обидуваат да екранизираат НФ книги. Не е спорно дека видувањето на режисерот не мора да се поклопува со она кое авторот го напишал, но не и до степен тоа да биде обезличено. Денешните проблеми и превирања се сегашност, за десет, дваесет… сто години, ќе бидат минато, ќе има други предизвици. Исто е и во „Последна граница“, дел од настаните можеби и не се оправдани од денешна гледна точка, но за нив се начин на живот. Во вториот дел има една реченица: „Неократијата им даваше желба за живот, така што им ги одземаше животите.“. Мислам дека тоа многу објаснува. Тамошниот неократски свет живее поприлично хедонистички, знаејќи дека работите можат да се променат за миг.

Досега објавените дела на Милошевски

Дали ви одговара титулата на „македонскиот Ден Симонс“?

Не сум сигурен. Поделен сум по ова.

Од една страна не сакам споредби и генерално сум против нив, бидејќи сметам дека секој уметник носи свој печат. Не поднесувам дури ни кога одредени дела ги споредуваат со други, на пример, серијалот „Пространството“ (The Expanse) од дуото Џејмс С. А. Кори, често беше опишуван како „Игрa на тронови“ во вселената, или трилогијата „Луна“ од Ијан Мекдоналд беше споредувана со „Кум“, ама на месечината. Секое дело можеби повеќе или помалку ќе се приближува до некое друго, но не е тоа поентата.

Од друга страна, морам да признаам дека по малку и ми ласка. Сепак, лавот е создаден од газелите кои ги конзумирал. Ние сме книгите кои сме ги читале и ни оставиле впечаток. Ниту еден автор не се родил со изграден стил на пишување или го формирал на студии по книжевност. Ден Симонс е проверен автор, најпрвин во жанрот на хоророт – секој кој ја има прочитано неговата „Терор“ знае на што мислам. Дури потоа се истакнал како автор на научна фантастика. Има преку дваесет награди на светско ниво за дела од двата жанра. Неговата тетралогија „Хиперион“ (Hyperion cantos) и серијалот „Илион/Олимп“ се ненадминати дела во НФ жанрот и имаа силно влијание врз мене.

Корицата на третиот дел на серијалот „Последна граница“

Во однос на технологија, секој писател на научна фантастика го решава проблемот на комуникација на свој начин. Кај Усула К. Ле Гвин во „Хаинскиот универзум” тоа е решено со „Ансибилот”, направа за инстантна комуникација меѓу големи вселенски простори. Ле Гвин и нема објаснето како точно функционира тој, но Вие детално го објаснувате системот за интерстеларна комуникација, кој работи со помош на „потпросторни жнеалки”. Како функционираат тие?  

„Подпросторните жнеалки“ се појавуваат дури во петтиот, последниот дел.

И во право сте, комуникацијата е навистина тешко да се објасни. Во првите два дела имаме обични комуникатори, што еволуциски претставува технолошко назадување во споредба со денешните паметни телефони и со „визифоните“ (од анг. wise – мудро) од „Последна граница“. Но, нивното рушење е еден од приоритетите на неократијата и затоа се заменети со малечки комуникатори кои се едноставни за користење. А интернетот каков што ние го познаваме, не ни постои. Во третиот дел имаме малку подобрени комуникатори, а во четвртиот дел веќе се појавуваат импланти, поврзани со очниот нер и слушната школка, кои генерираат информации директно во мозокот. Но, и нивниот пат е трнлив, неократите се скептични поради првичните неуспеси (подетално во 4ката). Во петтиот и последен дел со наслов „Кобалтна плима“, на кој моментално работам, човештвото е веќе распрснато низ галаксијата и како средство за комуникација ги имаме потпросторните жнеалки, кои функционираат на принципот на денешна е-пошта, некој остава кодирана порака за вас во потпросторот и прилагодениот имплант т.е. жнеалката ја жнее/лови/собира.

Корицата на четвртиот дел на серијалот „Последна граница“

Имате направено и целосно истражување за македонските писатели на научна фантастика па и епска фантастика што твореле на ова поднебје и го имате постирано на сајтот на „Goodreads“. Од сите писатели што сте ги откриле, кои , се „најпотковани“ според вас? И од постарите и од поновите автори, кои имаат најквалитетни дела во овие жанрови?

Темата колку книги од овој жанр се напишани од македонски автори беше една од темите на кои разговаравме на промоцијата на „Истапени сечила“ во 2019 година. Оттаму ме заскокотка прашањето, колку навистина ги има? Многумина, дури и јас во нив, мислеа дека се првите (или барем во првите тројца) кои се обиделе да пишуваат во овој жанр. Си дадов задача да ги откријам и систематизирам сите научнофантастични изданија од македонски автори и по три години успеав. И, не само што успеав, туку физички примерок од сите тие изданија (ми недостигаат едно или две) сега мирно лежи во мојата приватна библиотека, прочитан и забележен.

Интересно беше што речиси и да не постоеја записи за македонската научна фантастика, првиот беше од Стојмир Симјановски во 1986 година за НФ списанието Сириус и таму беа наведени само 6 дела, од кои три беа на самиот Симјановски. Во обемната Енциклопедија на научната фантастика од Зоран Живковиќ, постои обемен напис за секоја од поранешните југословенски републики посебно и за секоја има пристоен осврт, само за Македонија се наведени истите шест НФ дела од погоре, без никаков дополнителен коментар или објаснување, што доволно зборува за игнорантскиот однос кон овој жанр кај нас.

А, потоа, за следните дваесет и пет години нема никаков запис (или барем јас не налетав на таков), освен оние ретките кои професионално се занимавале и ја проучувале оваа тема (дипломски, семинарски, докторати – и нив ги ископав и добар дел од нив и ги прочитав), но кај нив фокусот беше само кај научната фантастика како жанр за деца. Токму затоа ги пронајдов, набавив и прочитав сите дела, ја напишав кратката „Библиографија на македонската научнофантастична проза“ каде сите се систематизирани според годината на издавање.

Оваа листа никако не е конечна, туку расне и се надополнува како се издаваат нови НФ дела или како откривам некои кои ми се протнале. Досега се издадени 36 книги од жанрот на научната фантастика (плус – минус една или две кои чекаат да бидат откриени) и што е најважно, барем за мене, приматот на книги наменети за помладата публика постепено е во опаѓање и се појавуваат се повеќе дела кои обработуваат теми кои се популарни надвор од границите на Македонија. Ова го дава одговорот на вториот дел од прашањето. Старите автори речиси целосно ја сметаат научната фантастика за несериозна, за детска литература и сите нивни дела се наменети за оваа читателска публика. Секоја чест на Симјановски за „Ќерката на ѕвездите“ или на Венко Неделковски за „Вечниот Таниз“. Овие дела, иако имаат малку наивен пристап, можат да се вбројат и во книги наменети за повозрасната читателска публика, иако не се книги напишани од професионални автори на научна фантастика. Од друга страна, поновите автори многу посериозно му пристапуваат на жанрот и добиваме дела кои можат да се мерат со оние издадени надвор од Македонија.

Кои броеви од списанијата „Сириус“ и „Алеф“ ви се омилени изданија и зошто?

Нема да ви дозволам да ме фатите во таа стапица!

И „Сириус“ и „Алеф“, како и сите други списанија кои излегуваа во поранешната СФРЈ, беа публикации составувани од професионални вљубеници во жанрот кои буквално крвавеа за секој нареден број да ја здогледа светлината на денот.

Убавината кај ваквите публикации е што се составени од повеќе раскази (новели, кратки и подолги раскази, како и романи во делови) и доколку не ви се допадне едно, ќе ви се допадне следното. Затоа ги сакам, почитувам и уште ги читам. Можеби при крајот „Алеф“ малку започна да потфрла со содржините, но сепак беа интересни, особено доколку сте вљубеник во жанрот кој буквално голта сè што е издадено на оваа тема.

Кои книги и писатели од списанието „Поларис“ имале најголемо влијание на тоа да се решите да пишувате научна фантастика?

Мојата љубов со научната фантастика започна уште пред да започнам да ја читам, започна со „Ѕвездени патеки: Нова генерација“ секој работен ден на „Ноќно кино“ на Радио Телевизија Скопје и со „Капетанот Гром и воините на иднината“.

Малку подоцна почнав да ги читам на српскохрватски и токму од оваа едиција.

Артур Кларк – прв и без можност да биде детронизиран. Потоа, Ден Симонс, Френк Херберт, Дик, Ленгвин, Брин, Бенфорд, Бер. Даглас Адамс ми покажа дека научната фантастика може да биде и забавна, не само приказна со грст научни факт.

Имате кажано дека читате голем број книги секоја година, колку прочитани книги ви се собираат годишно?

Ни оддалеку не читам колку што сакам, иако навистина се трудам и го користам секој момент. Не ми е таргет само научната фантастика, туку сакам да „шарам“ жанровски и временски. Минимален таргет ми е 2 книги месечно, а 25 книги годишно. Најчесто успевам да го надминам и доаѓам до бројка од педесетина книги годишно, што е премалку. Но, ставете одозгора на тоа и пишување, истражување, сменска работа која ги плаќа сметките, семејство со мали деца…мислам дека сум ок.

Кои научно фантастични автори според вас се моментални предводници на научната фантастика и дали сте во чекор со светските текови на тековните наградувани автори или сè уште имате голем број од претходните дела што чекаат на листата за книги што треба да бидат прочитани?

Сите погоре наведени. Додадете го Асимов, потоа Лем и моментално актуелниот Лиу Цисин, авторот на „Проблемот на три тела“. Лично би ги додал и Иан Мекдоналд (трилогија Луна), Ричард Морган (авторот на трилогијата за „Такеши Ковач“), Адриан Чајковски (кој силно го препорачувам), Џон Скалзи и дуото под псевдонимот Џејмс С.А. Кори кои ни го дадоа серијалот „Пространство“, можеби не најдобар НФ серијал, но несомнено ја одбележа втората декада на 20-от век.

Што мислите околу преводите на македонски јазик на книги од научната фантастика, кои преводи според вас се квалитетни преводи во овој домен? Како на пример доста фалениот превод на серијалот „Фондација“ од Исак Асимов или преводот на „Марсовски Хроники“ од Реј Бредбери или пак „Ходници на времето“ од Пол Андерсон.

Сите наведени дела ги прочитав одамна и на српскохрватски, така да навистина не се чувствувам меродавен да одговорам на ова прашање. Но, кога веќе ги споменавте Фондациите, можеби и ќе ги набавам доколку се комплетни.

Преводите на постарите едиции од 1980-те години на минатиот век се сосема пристојни, иако, според мене, би требало повеќе да се консултираат околу некои стручни поими.

Фото: лична архива, се користи со дозвола

Кои книги, серии и филмови ги препорачувате?

Бидејќи во целиов наш разговор досега како тема доминираше научната фантастика, претпоставувам дека треба да бидат дела од овој жанр.

Од книги би ги издвоил: „Песната на далечната земја“ од Артур Кларк, „Дина“ од Френк Херберт и „Автостоперскиот водич низ галаксијата“ од Даглас Адамс.

Меѓу омилените серии ми се: „Firefly“, „Babylon 5“ и „Battlestar Galactica“.

Од светот на кинематографијата би ги издвоил: „Forbidden Planet“ (1956), “The Man from Earth“ (2007) и „Screamers“ (1995).

Зошто го нарековте серијалот „Последна Граница“? Дали е можеби поврзано со познатиот вовед на секоја епизода на „Star Trek“ – „Space, the final frontier”?(„Вселената, последната граница“)?

Многупати ме прашувале дали насловот има врска со серијалот „Ѕвездени патеки“ и одговорот е изречно – не. Дури пред да започнеме да ја печатиме Истапени сечила, се обидуваа да ме натераат да го изменам името на серијалот, за да не потсетува на односната серија (бидејќи нив ги потсетуваше, мене не).

Името доаѓа од една единствена реченица, сега содржана во вториот дел Бунар оловни солзи, на 87-та страница. Конкретно се мисли на граници кои не смеат да се преминат, односно, до последната граница до која едно свесно човечко суштество може да биде притиснато пред да ја изгуби контролата врз себе.