Скарлет Јохансон шокирана бидејќи гласот на ChatGPT наликува на нејзиниот

Новиот глас на ChatGPT потоа веднаш се спореди со улогата на Јохансон во научно-фантастичниот филм „Таа“, каде таа го позајмува гласот на „Саманта“, чет системот во кој главниот лик се заљубува. Дополнително, на Јохансон ѝ било понудено да го позајми својот глас за ChatGPT

Фото: Gage Skidmore, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Холивудската актерка Скарлет Јохансон вели оти е „инзервирана и шокирана“ откако го чула својот глас на најновата верзија на ВИ четботот ChatGPT, сметајќи дека тој премногу наликува на нејзиниот, пренесува Би-би-си.

OpenAI, компанијата зад ChatGPT, неодамна ја презентираше најновата верзија на нивниот четбот – ChatGPT-4o. Со најновата верзија на четботот може да се води разговор на секакви теми, а тој одговара со реалистичен глас, кој во своите одговори соодветно го адаптира својот тон или вметнува сарказам во разговорот.

Женскиот глас на „Скај“ веднаш беше спореден со улогата на Јохансон во научно-фантастичниот филм „Таа“, каде таа го позајмува гласот токму на четботот „Саманта“, во кој главниот лик се заљубува.

OpenAI инсиситира дека гласот на „Скај“ не требало да е имитација на Јохансон, но ова се коси со тоа што Сем Алтман, извршниот директор на OpenAI, самиот алудираше на сличноста меѓу гласовите со тоа што објави еден збор на социјалната мрежа Х кога излезе новата верзија на четботот – „her“ („таа“).

Дополнително, Јохансон откри дека OpenAI во септември ѝ понудиле да го позајми гласот на „Скај“.

„Сем Алтман ми кажа дека смета дека со позајмувањето на мојот глас би можела да го премостам јазот помеѓу технолошките компании и креативците, како да им помогнам на куцвите да се чувствуваат удобно со сеизмичката промена во врска со луѓето и вештачката интелигенција“, вели холивудската ѕвезда.

Јохансон ја одбила понудата поради лични причини. Таа вели дека повторно ѝ било понудено да го позајми гласот на четботот само неколку дена пред да излезе.

OpenAI изјавија дека ќе го тргнат гласот кој наликува на Јохансон.

Јохансон вели дека испратила две официјални барања до OpenAI за тоа како точно бил направен гласот.

„Во време кога сите ние се бориме против ‘дипфејк’ содржини и заштита нашите сопствени идентитети, верувам дека ова се прашања кои заслужуваат апсолутна јасност“, напиша таа.

Истовремено, OpenAI се соочува со други тужби – „Њујорк тајмс“ тврди дека илјадници нивни написи биле искористени за да се истренира ChatGPT. Авторот на „Игра на тронови“ Џорџ Р. Р. Мартин исто така смета дека неговите авторски права биле прекршени со тоа што се користеле неговите дела за да се тренира моделот.