Како астронаутката Саманта Кристофорети ја изведе легендарната сцена од „2001: Одисеја во вселената“?

Фото: Европска вселенска агенција - ЕСА (European Space Agency - ESA).

Неколку дена пред астронаутката Саманта Кристофорети да се врати на Земјата од Меѓународната вселенска станица на 15 октомври, Европската Вселенска Агенција (ЕСА) објави видео клип кој покажува дека таа во реалноста ја изведува сцената со сателитот од научнофантастичниот филм „2001: Одисеја во вселената“. Оваа сцена се смета за една од најлегендарните во историјата на кинематографијата.

Во клипот Кристофорети чекори по кружен ѕид навидум на ист начин како што лик од филмот чекори по ѕидот на сателитот под дејство на вештачка гравитација. Во филмот вештачката гравитација е резултат на центрифугалната сила поврзана со вртењето на сателитот околу неговата оска, што е теоретски возможно.

Во реалноста, вистинскиот вештачки сателит – Меѓународната вселенска станица – не е подесен да го постигне овој ефект, бидејќи не ротира околу својата оска додека кружи околу земјата на висина од 407 km. На таа далечина, земјината гравитација за астронаутите е практично нула, па тие лебдат низ станицата.

Во краткото филмче Кристофорети објаснува дека го симулирала ефектот на гравитација благодарение на обувки со „велкро“ лепенки, кои се лепат на ѕидот од тркалезниот ходник. Таа е облечена во слична облека како стјуардесата од „Одисеја“.

Сцената со сателитот е позната и по тоа интеграцијата на визуелната содржина со композицијата „На убавиот син Дунав“ од австрискиот композитор Јохан Штраус Помладиот.

Во првите триесетина секунди од видеото од ЕСА, музичката подлога е композицијата „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус, германски композитор од Минхен што не бил роднина на виенчанецот Јохан. Во филмот таа е дел од најавната шпица.

Филмот „2001: Одисеја во вселената“ (2001: A Space Odyssey) се смета за еден од најдобрите и највлијателни научнофантастични филмови на сите времиња, при што и критичари и испитувања на публиката го вбројуваат и меѓу најдобрите филмови воопшто. Снимен е во 1968 година во режија на Стенли Кјубрик според сценарио на Артур Кларк, кој објави и истоимен роман.

Како копродукција меѓу САД и Велика Британија од едната страна на Атлантскиот Океан бил номиниран за 4 „Оскари“ од кои добил еден, за специјални ефекти, а од другат добил 3 „БАФТА“.

Во филмот се испреплетуваат темите за човековата еволуција, примена на дигитална  технологија, вештачка интелигенција и вонземскиот живот, а освен по специјалните ефекти кои се функционални и по певеќе од пет децении, а познат е и по ненадминатото комбинирање на звукот со визуелниот дел.

Омажи на горенаведените сцени, заедно со претходната сцена со коската, се присутни во многу други дела на популарната култура, од филмови до видео игри, почнувајќи од една од првите симулации на вселенски патувања „Елит“ (Elite) од 1984 година во чии верзии за Комодор 64 при слетување на вселенска станица се слуша Штраусовиот валцер.

На видеото со Кристофорети позитивно реагираше и официјалниот профил на Твитер на режисерот Стенли Кјубрик, кој почина во 1999 година. Нивниот коментар беше „Кога животот ја среќава уметноста!“.