Денеска во МКЦ „Да зборуваме за Лем“ по повод стогодишнината од раѓањето на Станислав Лем

Книги од Станислав Лем преведени на македонски јазик. Фото: Мета.мк.

Настан во чест на полскиот писател на научна фантастика, сатиричар и футуролог Станислав Лем ќе се одржи денес од 17 часот во Младинскиот културен центар во Скопје, како дел од фестивалот на европска литература „Букстар 2021“ (BookStar 2021).

На настанот „Да зборуваме за Лем“, организиран од издавачката куќа „Антолог“ по повод стогодишнината од неговото раѓање, ќе учествува белорускиот писател Виктор Јазневич, приредувач на книгата „Светот на Станислав Лем“.

Меѓу останатите панелисти се Милица Миркуловска, преведувачка и професорка по полски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, како и македонските автори на научна фантастика и сродни жанрови Ивица Дукоски, Зоран Милошевски и Владимир Симовски, додека модератор ќе биде писателот Александар Маџаровски.

Настанот e поддржан од Амбасадата на Република Полска во Северна Македонија, која и го најави преку нивниот профил на Твитер.

Според мотивите на најпознатиот роман на Лем „Соларис“, советскиот режисер Андреј Тарковски во 1972 година го сними истиоимениот филм, кој е достапен за гледање онлајн преку веб-сајтот на руската компанија „Мосфилм“ (со опции за превод преку титл).

Станислав Лем (1921-2006) е еден од најпреведуваните полски писатели кој имаше култен статус и во рамки на југословенската супкултура на научна фантастика, кога широк круг на читатели го сметаше за еден од бардовите на жанрот на светско ниво, рамо до рамо со Исак Асимов и Артур Кларк.