Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, синоќа ги додели сертификатите на учесниците на шестата по ред Школа за млади лидери, што по негова иницијатива се одржа од 16-ти до 28-ми август во Охрид.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванови, а досега се организирани пет интензивни тренинзи за лидерство во 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот, од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.