10 години НМСМ: Деценија на заедничко дејствување, останува предизвикот младите да се вклучени во сите процеси

Младите се малцинство кое од година во година станува сè помалубројно. Доколку не му застанеме на патот на овој тренд и тој не биде успорен со конкретни политики, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов можеме да ја антиципираме. Клучното прашање е што да направиме за младите да останат во државата

фото: Мета.мк

Создаден во 2013 година како можно решение на многуте предизвици со кои тогаш се соочуваа младите во земјава, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) изминативе години остана доследен на целта на своето постоење. Оттогаш до денес се променија многу нешта, а младите имаа можност да бидат консултирани во делот на политиките, се донесе закон за младинско учество, се имплементираше Гаранцијата за млади и беа поддржани бројни проекти и создадени многу простори за млади. Сепак, останува големиот предизвик – вклучување на младите во сите општествени процеси.

Ова беше истакнато на денешната конференција „10 години НМСМ: Деценија на заедничко дејствување, застапување и промени за младите“, со која Националниот младински совет (НМСМ) одбележа една деценија од своето постоење. Конференцијата собра повеќе претставници од невладиниот сектор – членки на организацијата, но и државни институции и претставници на меѓународната заедница, кои дискутираа за можностите и вклучувањето на младите во општествените процеси, како и за проблемите на младите луѓе и решенијата за предизвиците со кои тие се соочуваат.

Нема дилема дека НМСМ ја исполнува целта на своето постоење и поради тоа државата е должна да ги поддржи неговите иницијативи. Изминативе десет години Националниот младински совет успеа на многу млади луѓе да им овозможи да бидат дел од „големата приказна“, истакна во своето обраќање Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

„Младите водени од праведни идеали се јадрото на секоја прогресивна општествена промена. Сè додека младите имаат желба да се борат за подобро општество, има надеж за сите нас. Можеме само да претпоставуваме уште колку млади ќе беа иселени од државата денес ако не беше НМСМ“, рече претседателот Пендаровски, кој додаде дека најголемиот предизвик со кој се соочува државата, без дилеми, е иселувањето на младите.

Зборувајќи за состојбата во која се наоѓа младото население, Пендаровски рече дека младите тука се третирани „како објекти и консументи на политиката, а не како активни субјекти вклучени во нивната подготовка и реализација“. Нивниот кариерен напредок бил жртва на непотизам, корупција, неправда, партизација и други системски, општествени зла. Генерации политичари од независноста до денес, пропуштаат да ги вклучат младите во креирањето политики.

„Најчесто се носат одлуки за младите, без младите“, рече македонскиот претседател.

Пендаровски сподели неколку загрижувачки податоци за младите во земјава, а меѓу нив и тоа дека уделот на младите луѓе во вкупното население е паднат од 28 проценти во 1970 година, на само 16 отсто во 2021 година.

„За жал, ние веќе ги достигнавме демографските проекции на ОН за 2030 година. Со други зборови, младите се малцинство кое од година во година станува сè помалубројно. Доколку не му застанеме на патот на овој тренд и тој не биде успорен со конкретни политики, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов можеме да ја антиципираме. Клучното прашање е што да направиме за младите да останат во државата?“, рече претседателот Пендаровски во своето обраќање.

Тој додаде дека како претставник на државна институција, на самиот почеток од стапувањето на функцијата, во соработка со Британската амбасада во Скопје и НМСМ, во центарот на главниот град ја отвориле канцеларијата МладиХаб – еден од проектите на Националниот младински совет.

фото: Мета.мк

Британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон порача дека вклучувањето на гласот на младите во носењето одлуки е од голема важност.

„Младите треба да се охрабрат да останат тука и да се слушне нивниот глас. Затоа го поддржуваме Националниот младински совет и ви честитаме на работата. Имате огромен потенцијал. Вклучувањето на младите луѓе во активностите води кон развојни патишта и поддршка за нив – младите“, рече амбасадорот Лосон во своето обраќање.

Националниот младински совет како сојуз на здруженија обединува вкупно 54 организации, меѓу кои има младински организации, организации за млади, сојузи, подмладоци на политички партии и придружни членки.

Целта на НМСМ е да поттикне индивидуална младинска активност, затоа што секој млад човек може да направи многу, порача в.д. претседателот на Националниот младински совет, Филип Ивковски.

„Мисијата на НМСМ е да бидеме независен и автономен младински сектор што ги застапува идеите и интересите на младите. Веруваме дека во овие десет години го докажавме тоа и ќе можеме истото да го правиме и понатаму. Импресионирани сме од бројката 50.000 млади кои биле дел од нашата организација, директно или индиректно“, рече Ивковски.

Во своето децениско постоење НМСМ има имплементирано 34 проекти во земјава, кои вклучувале поддршка на младите во поглед на менталното здравје, можностите за вработување, како и креирањето и застапувањето за младински политики, рече генералната секретарка на НМСМ, Мариана Ангелова.

„Денес немаше да бидеме овде доколку не беа сите овие луѓе што се вклучија во организацијата од самиот почеток и сите оние кои сè уште активно се вклучуваат во нашето работење и сè уште ги помагаат и застапуваат нашите барања и барањата на младите“, рече Ангелова, која информираше за проектите и активностите што Националниот младински совет досега ги реализирал или се во тек.

Живееме во период каде што имаме закана за демократијата од авторитарното уредување на политичките системи, при што младите во светот, но и кај нас демонстрираат желби за автократија, авторитарност, па дури и склоност кон популизам. Имаме млади коишто се изложени на нови современи предизвици кои влијаат врз нивното учество во демократијата, почнувајќи од дезинформациите, изложеноста на секакви предизвици, предрасуди и говор на омраза, порача директорката во Фондацијата за демократија на Вестминстер и поранешен член на Управниот одбор на НМСМ, Дона Костуранова.

„Младите се иселуваат од различни причини. Имаме земја чиешто население се повеќе старее, а чиишто млади се повеќе ја гледаат својата иднина надвор, во Европската Унија. Причините се различни, но истражувањата укажуваат дека младите коишто се активни се и оние кои често се позадоволни со своето место во општеството. Па така, овие организации и, пред сè, Националниот младински совет, можат и имаат шанса да им обезбедат на младите можност за активност и канали институциите да ги чујат нивните ставови. Само преку организираност и внатрешна дебата и дијалог, можеме да креираме јасни, конструктивни и усогласени препораки за политики кои институциите подоцна може да ги имплементираат“, порача Костуранова.

Она за кое граѓанското општество треба да биде свесно, а што го забележуваме, рече Костуранова, е дека младите повеќе не се неопходно заинтересирани за истите традиционални облици на организација што системот ги обезбедува. Здружувањето во асоцијации и здруженија на граѓани можеби не е толку привлечно како што било во минатото, па сега актуелни и повеќе привлечни се волонтерскиот ангажман и неформалното организирање.

Темата на првата панел-дискусија од денешната конференција беше „Од декларативно кон суштинско младинско учество“, при што директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, како еден од говорниците вети дека како институција надлежна за младите, Агенцијата ќе продолжи со поддршка во градењето на младинската инфраструктура.

Иако Законот за младинско учество и младински политики е сериозен исчекор кој дава можност за широко и систематско вклучување на младите луѓе во низа процеси на централно и локално ниво, рече тој, сепак претстојат низа предизвици кои треба да се пребродат.

„Младите имаат право да бидат вклучени и во носењето политики и одлуки кои не ги засегаат директно. Политиките кои се стремат да го подобрат животот на младите никогаш не можат да се ограничат само на полето „млади“. Преку нашите ресурси, се трудиме младите да бидат вклучени и во решавање на прашања како родова еднаквост, социјална инклузија, дигитализација и други теми кои го засегаат општеството. Комуникацијата со младите мора да се темели на принципите на рамноправност“, порача Мојсовски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт додаде дека една од заложбите на институцијата е формирање на Министерство за млади, а најави и ново законско решение за младите во кое ќе бидат опфатени и проблемите што недостасуваат во сегашната легислатива.

Покрај Мојсовски на дискусијата говореа и Филип Чапароски од Националниот демократски институт, Евгенија Петрова од организацијата ГРИТ – Пробиштип, Владимир Костовски од Сојузот на извидници на Македонија и Наум Исаки од Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД).

Тие порачаа дека голем проблем е спроведувањето на законите или нивната нееднаква примена и дека младите не треба да се институционализираат, туку институциите „треба да се симнат на терен и да ги нудат своите сервиси за младите“.

На втората панел-дискусија на конференцијата на НМСМ која се фокусираше на „Младински решенија за младинските предизвици“, говореа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, Александру Албу од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Анита Николовска од Младите Можат, Иван Јованов од LEAD – Лидери за едукација, активизам и развој и Милчо Дули од СФЕРА Интернешнал.