На одбележувањето на празникот 8 Март за родова рамноправност на жените со мажите, иако се чини дека жените во нашата држава ги имаат истите права со мажите, сепак податоците и статистиките говорат дека има уште многу работа на ова поле во државата.

Родовата еднаквост е дел од Програмата на Владата за периодот 2017 – 2020 година за реализација на обврската на државата која произлегува од агендата за одржлив развој до 2030 година.

„Владата ќе води политика на унапредување на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот“, се вели во Програмата.

Но дали е така?

Помало учество на жените од мажите пазарот на труд

Според податоците на Државен завод за статистика (ДЗС) обработени за 2017 година, голем процент од работоспособните жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот. Така, од работоспособните мажи 53,5 отсто биле вработени, невработени 15,8 проценти, додека, пак, неактивни 30,7 отсто. За разлика од нив, од работоспособното население кај женската популација 34,6 отсто биле вработени, невработени само 9,7 проценти, но неактивни биле високи 55,7 отсто.

Главни причини за неактивност, за повеќето анкетирани жени (60.3 %) се обврските во домаќинството (вклучително и грижата за децата). Сепак, многу жени (55%) изјавуваат дека веруваат дека не располагаат со соодветни вештини/квалификации за да се вработат. Половина од неактивните жени се сложуваат дека недостатокот на флексибилни работни можности ги оддалечуваат од пазарот на труд, додека 45% се пожалиле на немањето капацитети кои нудат грижа за децата“, покажува истражувањето„Жените на пазарот на трудот: Стереотипи и предизвици”, спроведено од „Фајненс тинк“, Институтот за економско истражување и политики Скопје кое е спомнато во Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2017 година, што се усвои на собраниска седница, одржана на 15.1.2019 година.

Помала плата на жените од мажите за иста работна позиција

Многу често, на иста работна позиција со исти квалификации и перформанси, жените се помалку платени од мажите. Исто така треба да работат повеќе денови за да ја достигнат платата на мажите.

Неопходно е сите чинители во општеството да се фокусираа на обезбедување на еднакви можности за жените особено на повисоките позиции, бидејќи тие често се работна сила на пониско ниво, а во одредени случаи жена со исти работни карактеристики како маж заработува 17,9% помалку , односно жената би морала да работи дополнителни 65 дена за да ја оствари истата плата како и мажот“, изјави потпретседателката на Сојузот на Стопански комори, Габриела Кулебанова. 

Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска решение за ова се родово одговорните буџети кои ќе дадат слика како се трошат парите и како тие ќе влијаат на едната или на другата група граѓани.

Министерството за финансии го стави родово одговорното буџетирање во основните документи, во новата Фискална стратегија 2019 – 2021. Со ова буџетските корисници ќе треба да внимаваат парите да бидат родово еднакво потрошени.

Жените тешко доаѓаат до раководни места во државните институции

Жените се помалку застапени во управувачкуте структури на државните институции, а само пет проценти се жени-директорки на нив.

Разликите помеѓу различните типови на институции не се значителни што укажува дека родовата нерамнотежа е резултат на системска негрижа за правична застапеност во оваа смисла. Така, само 29% од управувачките структури се жени што е во спротивност со политиките за промоција на родова еднаквост.  Најголемата нерамнотежа е забележана кај директорите на институциите, каде само 5% од именуваните лица се жени. На спротивната страна отскокнува состојбата кај колективните органи, каде 43% од членовите се жени“ се вели во Студијата за раководењето со јавните претпријатија: Кој тоа таму управува?, изработена од Институтот за демократи

И во Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2017 година, што се усвои на собраниска седницата, одржана на 15.1.2019 година, исто така пишува дека потребно е дополнително делување во насока на постигнување на родовата еднаквост на централно и локално ниво.

„Учеството на жените и мажите во процесите на одлучување се карактеризираат со недоволно балансирано учество на обата пола на централно и локално ниво како и недоволна посветеност на законските обврски коишто произлегуваат од Законот за еднакви можности на жените и мажите од страна на одредени институции на локално и национално ниво.  оваа област“, пишува во Стратегијата.

Дискриминација на жената во руралната средина

Иако премиерот Зоран Заев на панел-дискусија за родовата еднаквост и учество на жените во политиката изјави дека „ќе се воведат програми за помагање на развојот на жените претприемачи, особено во руралните области“, претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска рече дека, „потребни се ефективни, а не дисктиминаторни мерки.“

„Во мерката 115 во четири-годишната програма за рурален развој 2018 -2021, се поставени дискриминаторни услови за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, односно се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри“, вели Мојсовска.

Таа додава дека Владата треба да воспостави сет на економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа за семејството и земјоделската работа, остварување на правото на пензија и породилното отсуство.