Претседателот на Чешка, Милош Земан, ги обвини челниците на Европската Унија дека се толку неспособни што не се во состојба да ја извршат и најосновната задача – заштита на границите на ЕУ.
Земан, исто така, категорично се спротивстави на тоа Чешка да прими макар и еден единствен бегалец според квотата затоа што тоа би било создавање на плодно тло за тероризмот да стигне и до Чешка.
– Тажен сум поради Брексит. Нема да ја префрлам вината на граѓаните на Велика Британија кои одлучиле слободно. Голем дел од вината лежи во сегашното раководство на ЕУ кое е неспособно, бирократизирано, предизвикува отуѓување од граѓаните, а не е во состојба да ја исполни ни основната задача, односно заштита на границите на ЕУ – рече Земан во божиќното обраќање до нацијата.
Тој истакна дека изминатата година, покрај Брексит, ја обележаа терористичките напади во Германија, Франција и во Белгија.
– Денес речиси никој не се сомнева дека постои врска меѓу миграцискиот бран и терористичките напади, Затоа сум против тоа во следните две години да сместиме 2.600 мигранти, доброволно, што е дел од задолжителните квоти – рече Земан.
Тој рече дека нема ништо против тоа да им се помага на бегалците, но тоа да се прави во нивните земји, како што е Сирија, и евентуално во соседството, односно во Турција.