Заев во Софија договара заеднички енергетски проекти и ново поврзување на гасоводите


       
Софија, 21 јуни, 2017 - 13:56 (META) 

Во наредните седмици Македонија и Бугарија ќе договараат меморандум за развој на енергетиката, а се разговара и за изградба на ново поврзување меѓу гасоводот на Бугарија и македонскиот гасовод. Тоа се две од побитните работи за кои во Софија денеска разговарале македонскиот премиер Зоран Заев и Теменушка Петкова, министерка за енергетика на Република Бугарија.

На средбата, која се одржа на вториот ден од посетата на дел од македонската влада на Бугарија, покрај владина делегација биле и претставници на Бугарската асоцијација за гас.

На средбата било констатирано дека кај двете земји има подготвеност за заеднички проекти, за кои Македонија и Бугарија заеднички ќе бараат пари од ЕУ-фондовите.

Премиерот Заев, претходно, на брифингот со новинарите, истакна дека Република Македонија и Република Бугарија со средбите на највисоко ниво, со премиерот Бојко Борисов и со претставници на владино и на државно ниво во Софија, отвораат „ново златно поглавје“ во меѓусебната соработка.

Заев ја заврши посетата на Бугарија со средба со претседателката на бугарската опозициска партија БСП, Корнелија Нинова, која исто така ги поддржала реформските процеси и евроатлантските аспирации на Македонија, соопштија од службата за информирање при македонската влада.