!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев во Прилеп најави општински дебати и пријателска кампања


       
Прилеп, 30 септември, 2017 - 16:17 (META) 

Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, денеска во Прилеп најави новост во кампањата на неговата партија – општински дебати. Првата ја отвори денеска напладне, во градот под Марковите кули, и порача дека со тоа кампањата на СДСМ и на коалицијата добива „нов модерен стил и формат“.

– Драго ми е што, еве, денеска почнуваме со еден нов модерен стил во делот на кампањата, а тоа е воведувањето на општинските дебати. Овде сме во центарот на Прилеп заедно со нашиот кандидат, докторот Илија, со кој имаме намера да подискутираме заедно со граѓаните, да дебатираме за важни случувања и да најавиме идна практика на новиот градоначалник во комуникацијата со граѓаните за прашања што ги тиштат нив и што се важни за нивниот секојдневен живот – рече Заев.

Тој порача дека предизборната кампања се одвива во пријателска атмосфера.

– Јас сум среќен што кампањата навистина се одвива во една пријателска атмосфера насекаде – рече лидерот на СДСМ.

За разлика од Заев, Никола Србов, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција рече дека нема фер и демократска изборна атмосфера. Тој посочи дека на 27 септември беше застрелан независниот кандидат за градоначалник на Кичево, Алит Абази, со уште две лица, од кои еден е шефот на неговиот изборен штаб и рече дека „подземјето поттикнато од политиката на Заев почнува сè побрутално да се пресметува со луѓето од спротивниот табор“.

– Тоа е атмосферата во која се одвива оваа изборна кампања. Истата е извалкана со крв и со инциденти уште во првата недела. Престрелки и повредени се бројат по само неколку дена кампања. Ова не е фер и демократска изборна атмосфера. Ова е класична злоупотреба на власта која мора да биде сопрена и за која мора да има одговорност – рече Србов, порачувајќи дека примери што го покажуваат тоа се и случајот од 23 септември, кога полицајци од единицата „Алфи“ под закана со оружје на митинг го претресувале кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, како и демолирање на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода два дена подоцна и демолирање на штаб на Демократската партија на Србите на 27 септември.