Вучиќ: Има докази за офанзивни разузнавачки активности во Македонија против Србија


       
Белград, 21 август, 2017 - 13:41 (META) 

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека персоналот во амбасадата на Србија во Македонија е повлечен на консултации во Белград, откако од страна на српските разузнавачки органи „биле добиени доволно докази за многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија“.

– Наша работа е нашите луѓе да бидат подготвени и да се заштити пријателството меѓу Србите и Македонците и да дознаеме како да делуваме во поинакво и ново опкружување кое нам не ни било познато до пред неколку месеци. Многу има шпекулации и мислам дека во наредните 10 дена се ќе биде многу појасно – изјави денеска Вучиќ.

На новинарско прашање, дали кризата во односите со Македонија има врска со членството на Косово во УНЕСКО, Вучиќ рекол дека „Србија ќе ги заштити своите интереси и ќе гради добри односи со Скопје.

– Но, како да ви кажам… тие односи ќе мора да бидат засновани на взаемно почитување. Дали Албанците ќе го стават Косово на дневен ред на Собранието на УНЕСКО… наша работа е да ги заштитиме интересите на Србија, притоа да не го нарушиме интересите на другите земји – рече Вучиќ, додавајќи дека сепак во целата работа има мешање на некои други сили.

Прашан дали мисли на официјална Москва, тој одговорил дека не помислил на Русија.

Сите вработени во амбасадата на Србија во Скопје синоќа беа повлечени на итни консултации во Белград.

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека добило нота од амбасадата на Србија за повлекувањето на персоналот, а Министерството за внатрешни работи потврди дека презело зголемени мерки за обезбедување на амбасадата.

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, претходно денеска изјави дека имала консултации со Вучиќ и со шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ и кратко рече дека „не станува збор за мала работа“.