ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги продаде највисоките национални интереси


       
Скопје, 14 јуни, 2018 - 10:00 (META) 

Договорот на Зоран Заев за промена на уставното име на Република Македонија претставува капитулација за Македонија, Заев ги продаде највисоките национални интереси, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до јавноста.

„Овој договор е директен удар на темелите на државноста и го поткопува уставниот поредок на Република Македонија. Цела јавност виде како Зоран Заев од опозиција се колне во сопствените деца и предци дека нема да прифати промена на уставното име. Сега од позиција на власт Зоран Заев без срам го промени неговиот став и прави непроценлива и неповратна штета. Зоран Заев дури и кога се колне во сопствените деца, дрско лаже! Со овој капитулантски договор најмногу губат граѓаните и идните генерации. Овој договор е навреда и понижување за сите граѓани на Република Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потенцираат дека нема да прифатат промена на Уставот со цел промена на уставното име и дека ќе се спротивстават со сите демократски и правни средства против, како што велат, капитулантски договор.

„ВМРО-ДПМНЕ е партија која работела, работи и ќе продолжи да работи за интересите на граѓаните на оваа држава. ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на зачувување на националните интереси на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ останува со Република Македонија“, додаваат од партијата.