!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Утре ново продолжение на репликите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието


       
Скопје, 20 април, 2017 - 18:44 (META) 

Со реплики и со контрареплики меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и без дискусии на пратениците на СДСМ заврши денешното 15. продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

Следното продолжение, претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски, го закажа за утре во 11 часот, отстапувајќи од досегашната практика – во петок да нема седница, бидејќи, како што образложи тој, претходно тоа бил ден резервиран за средби на пратениците со граѓаните.

Наместо расправа по точката на дневен ред – избор на претседател и на членови на Комисијата за избори и за именувања, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку реплики и контрареплики, најчесто напишани, дискутираа за платформата на политичките партии на Албанците и за изјавите на премиерот и на министерот за надворешни работи на Албанија, Еди Рама и Дитмир Бушати.

Пратеникот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, повеќепати излегуваше на говорницата, од која преку контрареплики одговараше на прашања на колегите од коалицијата, кои, пак, меѓусебно си цитираа делови од своите говори и контрарепликите на Димовски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваа колегите од СДСМ да се вклучат во дискусијата, нагласувајќи дека токму тие барале дебата во законодавниот дом.

– Ние сме единстевната партија што се грижи за националните интереси, додека СДСМ молчи. Зошто СДСМ не реагира на изјавите на политичари однадвор. Точно е тоа дека со нивните политики државата се води кон амбис – рече пратеникот Трајчо Димков.

Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од собраниската говорница им ја честиташе на пратениците на СДСМ 26-годишнината од формирањето на партијата, порачувајќи им оти се надева дека во иднина „ќе размислуваат со повеќе разум и патриотизам“.

Сепак, ниту честитката на Димовски не ги испровоцира пратенциите на СДСМ, кои денеска беа во мал број во Собранието.