Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Џејмс Коми


       
Вашингтон, 10 мај, 2017 - 10:30 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го смени директорот на ФБИ, Џејмс Коми, соопшти Белата куќа.

Коми беше на чело на истрагата за наводната вмешаност на Русија во американските претседателски избори.

– Претседателот го прифати предлогот на државниот обвинител Џеф Сешонс, за разрешување на директорот на ФБИ, Џејмс Коми – изјави портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека потрагата по нов директор на ФБИ ќе почне веднаш.

Коми, кој беше поставен за директор на ФБИ за време на администрацијата на Барак Обама во 2013 година, со десетгодишен мандат, жестоко ја критикуваше администрацијата на Трамп поради истрагата водена против Хилари Клинтон поради користење на приватни меилови додека беше на местото државен секретар.

Во писмото упатено до Коми, Трамп го известил дека одлуката за смена стапува на сила веднаш.
„Иако многу го ценам тоа што во три одвоени пригоди ме известивте дека не сум под истрага, сепак се согласувам со оценката на Министерството за правда дека Вие не сте во состојба ефикасно да го водите ФБИ“, се наведува во писмото на Трамп.

Демократската кандидатка за претседател на САД, Хилари Клинтон, претходно го обвини Коми дека ги упропастил нејзините шанси да дојде на чело на државата со тоа што објави дека е обновена истрагата за нејзиниот начин за користење електронска пошта.

По отпуштањето на Коми, привремен директор на ФБИ ќе биде Ендрју Мекејб.