!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трајчевски: Порталите нема потреба да се регулираат, туку само да се регистрираат


       
Скопје, 22 декември, 2017 - 16:15 (META) 

Невозможно е регулирање на интернет порталите, порача Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешниот јавен состанок на кој ги презентираше активностите за четвртото тромесечје со фокус на медиумскиот мониторинг за локалните избори.

– Не станува збор за регулирање, туку најмногу за регистрирање и нотификација. Сметаме дека е невозможно да се спроведе регулирање на овој вид медиуми. Ние како Агенција имаме нарачано истражување во однос на овие нови медиуми за тоа каква е состојбата споредено со другите држави. Требаше да го плати Агенцијата преку јавна набавка меѓутоа добивме одобрение од Советот на Европа и тие ќе го спроведат во еден краток разумен период, можеби до крајот на првото тромесечје од идната година и тогаш ќе имаме објективно, непристрасно мислење од експерти коишто ќе ни понудат не решение, туку ќе ни дадат слика каква е состојбата на ова поле во другите држави – рече Трајчевски на четвртиот и последен јавен состанок за 2017 година на Aгенцијата.

Toј потсети дека и досега наведувале дека ААВМУ не може да спроведе изборен мониторинг на известувањето што го вршат порталите.

Темата за интернет порталите се актуелизираше вчера на дебатата „Утврдување на потребата за можни измени во Законот за медиуми“, која ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.