!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Се зголемува откупот и продажбата на земјоделски производи


Скопје, 16 февруари, 2017 - 14:05 (META) 

Откупот и продажбата на земјоделски производи во четвртото тримесечје од 2016 година се зголемени за 39,3 проценти во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители има зголемување за 65,4 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство намалување за 2,9 проценти.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи има кај индустриските, градинарските и фуражните растенија, овошјето, добитокот, живината и јајцата и млечните производи, а намалување кај житата, грозјето, алкохолните пијалаци, млекото и рибата.


СДСМ ветува фонд од 6 милиони евра за помош на земјоделците од временски непогоди


Скопје, 12 февруари, 2017 - 10:42 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ветува дека во првите шест месеци од мандатот на новата влада ќе формира интервентен фонд од 6 милиони евра за помош на земјоделците при временски непогоди.

Овие средства велат оттаму, ќе се користата кога пазарната цена на земјоделските производи ќе биде пониска од нивната производствена цена.

„Во овој фонд се планирани средства и за обештетување на земјоделците од временски непогоди. Оваа зима, екстремно ниските температури целосно уништија раноградинарски посеви на повеќе земјоделски површини. Очајните земјоделци повеќе пати досега алармираа и бараа помош. Доколку денес постоеше ваков фонд тие немаше да стравуваат за тоа како ќе ги прехранат своите деца или како ќе ги школуваат, затоа што преку овој фонд ќе се обесштетеа сите земјоделци подеднакво и тие мирно ќе го планираа идното производство“, стои во соопштението на СДСМ.

Интервентниот фонд, велат од партијата, ќе се користи и во кризни состојби, при пласман на земјоделските производи, кога откупната цена е пониска од производствената.

„Во тој случај финансиските средства ќе се доделуваат во вид на дополнителна поддршка на основните плаќања во висина до производствената цена на производот“, се додава во соопштението.


Земјоделските производи од поплавените подрачја не се за откуп, ниту за консумација


Скопје, 26 август, 2016 - 13:50 (META) 

Од земјоделските површини во поплавените подрачја има мало количество земјоделски производи што не се откупуваат и тоa нема сериозно да влијае врз понудата на зелените пазари, информираше денеска на прес-конференција директорот на Инспекторатот за земјоделство, Цветан Трифуновски.

Резултатите од анализата на мострите земени од земјоделските површини од поплавените подрачја наскоро ќе бидат објавени.

– Инспекторатот формираше неколку тимови, кои ги поминаа сите населени места зафатени со поплавите. Констатирано е мало количество земјоделски производи што се останати на тие површини. Земени се неколку мостри за испитување и сè уште ги чекаме резултатите. Меѓутоа, на разбирање и на жителите и на сите оние откупувачи кои откупуваат од овој регион, овие производи не се откупуваат за продажба, ниту за консумација. Истакнувам, се работи за многу мало количество што не би можело сериозно да влијае на зелените пазари – изјави Трифуновски.


Се зголемува откупот и продажба на земјоделски производи


Скопје, 15 август, 2016 - 14:34 (META) 

Во второто тримесечје од годинава, откупот и продажбата на земјоделски производи се зголемени за 17,3 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 3,5 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано зголемување за 47,4 проценти.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи е забележано кај градинарските и фуражните растенија, овошјето, алкохолните пијалаци, живината и јајцата, млекото, млечните производи и рибата, а намалување е забележано кај житата, индустриските растенија и добитокот.

 


Се зголемуваат откупот и продажбата на земјоделски производи


Скопје, 17 февруари, 2016 - 15:04 (META) 

Откупот и продажбата на земјоделски производи сe зголемени за 7,9 проценти во четвртото тримесечје од 2015 година, во однос на истиот период од 2014 година, објави Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 14,4 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 1,2 отсто.

Зголемување на откупот и на продажбата на земјоделски производи е забележано кај индустриските и кај градинарските растенија, добитокот, живината и јајцата, млечните производи и кај рибата. Намалување, пак, е забележано кај житата, фуражните растенија, овошјето и грозјето, алкохолните пијалаци и кај млекото.

Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и на продажбата на земјоделски производи покажува пораст во октомври и во декември минатата година, додека во ноември е забележано опаѓање.

 


Oткупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 5,1 отсто во однос на лани


Скопје, 20 ноември, 2015 - 13:55 (META) 

Oткупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 5,1 отсто во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 23,1 отсто, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 30,7 проценти.

Зголемување на откупот и на продажбата на земјоделски производи е забележано кај градинарските и кај фуражните растенија, грозјето, алкохолните пијалаци и кај добитокот. Намалување е забележано кај житата, индустриските растенија, овошјето, живината и јајцата, млекото и млечните производи и кај рибата.

Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажуваат пораст во септември, додека во јули и во август е забележано опаѓање.