Во насока на решавање на проблемот со воведените зголемени царини од страна на Косово, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски е во постојана комуникација со ресорните министри од Косово и од регионот, информираат од МЗШВ.

Од таму додаваат дека Владата прави се, за да не дојде во ситуација да воведува контрамерки како одговор на постапката на Косово и очекува, Владата на Косово да ја повлече донесената мерка со што ќе се надмине спорот.

„В среда ќе има и заедничка средба на сите ресорни министри од регионот на која како претставник од Македонија ќе биде министерот Николовски. На средбата ќе се бара заеднички модел како да се надмине овој проблем со Косово. Исто така, доколку не се надмине проблемот во среда, Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши, ќе се сретнат и со косовските ресорни министри и ќе се бара начин за надминување на ситуацијата. Целта е Укинување на одлуката и овозможување на брз проток на стоки и услуги како и трговска размена помеѓу двете земји“, се вели во соопштението.

Минатата недела Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и Министерството за економија, испратија допис до ЦЕФТА, Европската унија и до Владата на Косово, со кое се бара повлекување на одлуката на Косово за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук.

Доколку и покрај сите напори и средби кои престојат Косово не ја повлече одлуката, Владата ќе преземе мерки за заштита на домашното производство.