fbpx

Одеса жестоко бомбардирана од Русија, во челичарницата Азовстал во Мариупол има уште заробени цивили

-

Најмалку едно лице загина и петмина се повредени во синоќешниот воздушен напад на приморскиот град Одеса, јавува Укринформ. Руските авиони погодиле и цивилни објекти во градот, каде што воопшто немало воена инфраструктура. Во селото Фонтанка во близина на Одеса е погоден трговски центар и се повредени три лица. Пожарникарите со часови се бореле за гаснење на пожарите предизвикани од бомбардирањето.

Би-би-си јавува дека уште најмалку 100 цивили се заробени во челичарницата Азовстал во Мариупол, каде што продолжуваат борбите меѓу руските и украинските сили. Русија веќе неколку недели наназад се обидува во целост да го заземе огромниот индустриски комплекс, којшто е последното место врз кое украинските сили имаат контрола во приморскиот град.

Генералштабот на украинската војска тврди дека руските вооружени сили ќе се обидат да направат акти на саботажа врз хемиски комплекси во Украина, како би можело подоцна да ги обвинат украинските сили за ваквата саботажа, пишува Укринформ.

Инаку, руските сили продолжуваат да напаѓаат на фронталните линии на југот и истокот на Украина. Борби првенствено се водат во Луганскиот и Донецкиот регион, каде што фокусот на руската војска е да ги освојат градовите Луман и Северодонецк.

Поради континуирана блокада на украинските пристаништа на Црното море и невозможноста да се извезат произведените земјоделски производи, Украина и Европската унија водеа разговори за да се превенира глобална криза со храна преку преземање на итни мерки за да се деблокира испораката на храна.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за прашањето за извоз на украинските житарици разговараа вчера во Одеса. Мишел посети силоси преполни со жито во Одеса и потврди дека руската блокада на извозот на житарици предизвикува драматични последици за ранливите земји во светот, за што потребен е глобален одговор.

Украина пред војната преку своите пристаништа месечно извезуваше по 4,5 милиони тони земјоделски производи низ целиот свет. Украина произведува 12 отсто од пченицата во светот, 15 отсто од светското производство на пченка доаѓа од оваа земја, како и 50 отсто од сончогледовото масло, пишува Би-би-си.

Како последица на руската блокада на пристаништата и оштетувањето на железничката инфраструктура преку бомбардирањето од Русија, Украина е оневозможена да ги извезува земјоделските производи според планираните порачки, а цените на ваквите суровини драматично растат на меѓународните берзи, што доведува и до поскапување на основните прехранбени производи низ целиот свет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...