Од пештерата во Тајланд спасени и последното момче и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 14:20 (META) 

Специјалците „фоки“ од тајландската Воена морнарица предмалку соопштија дека од пештерскиот систем, каде беа заглавени од 23 јуни годинава, се спасени и последното момче и тренерот.

Излегувањето од отворот на пештерите Там Луанг на нуркачите и на момчето, беше поздравено со бурен аплауз и френетични извици. Четиримина нуркачи остануваат внатре во пештерите „за секој случај“, велат од тајландската армија, иако со сигурност се знае дека сите заглавени се спасени, а се водеше евиденција и за нуркачите.

Тие ќе бидат пренесени в болница, каде ќе бидат под лекарска нега и набљудување во следните денови.

Првите четири момчиња беа спасени во неделата, а четири во понеделникот, а другите денеска.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување во изминативе три дена, двајца нуркачи придружуваа а по едно момче и го носеа неговиот канистер со кислород, а момчињата беа со  нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Познатиот бизнисмен Илон Маск понуди и специјална капсула за спасување, во која момчињата би биле затворени, но беше избрана погоре наведената варијанта.

Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат или да ги повредат нуркачите.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие оделе сè подалеку и не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


Се чека од пештерата во Тајланд да се спасат последните две момчиња и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 12:55 (META) 

Од пештерскиот систем Там Луанг во Тајланд, во кој беа долго заглавени, денеска се извлечени уште две момчиња, и сега внатре се уште две и нивниот тренер, јавија светските агенции.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување, двајца нуркачи придружуваат едно момче и го носат неговиот канистер со кислород, а момчињата имаат нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


 


Македонски камиони заглавени на солунското пристаниште поради блокадата на Евзони


Солун, 3 февруари, 2017 - 14:56 (META) 

Петдневната блокада на граничниот премин Евзони продолжува да создава проблеми и за македонската и за грчката страна. Блокадата на границата од страна на грчките земјоделци, на пристаништето во Солун остави заглавени голем број камиони и илјадници тони производи и стока наменети за македонските индустрии.

Грчката информативна агенција АПЕ пренесува дека доколку вечерва или за време на викендот не се отвори границата, од вторник солунското пристаниште ќе има проблеми бидејќи нема да има доволно слободен простор за да се истоварат и да се складираат новите контејнери што ќе дојдат следната недела.

Првиот човек на пристаништето, Константинос Мелиос, во изјава за АПЕ истакнал дека е голем проблемот за македонските фабрики и индустрии бидејќи само 10 отсто од камионите што пренесуваат товар кон Македонија се обидуваат да излезат од Грција по споредни патишта и преминот кај Дојран, а најголемиот дел од камионите стојат заглавени на пристаништето без да може да ги извезат стоката и производите.

– Во моментов на пристаништето се насобрани 15.000 тони никел, 10.000 тони сол и 7.000 тони челик, сите наменети за индустриите во Македонија. В понеделник чекаме на пристаништето да пристигнат уште два брода кои носат 43 тони никел – вели Мелиос.


Мајка и ќерка пронајдени живи во кал во населбата Сингелиќ


Скопје, 10 август, 2016 - 19:15 (META) 

По четири дена од невремето, Бесим Весели денеска во населбата Сингелиќ пронајде мајка и ќерка живи во кал и успеа да ги спаси, објави „Алсат-М“.

Поради големото невреме во саботата калта ги заробила мајката и нејзината четиригодишна ќерка, а денеска Бесели успеал да ги спаси. Мајката и ќерката се пренесени во болница.

Пронајдените во кал, најверојатно од голем шок и стрес не биле во состојба да зборуваат, но се претпоставува дека се од Албанија.

Девојчето се вика Венера, а името на мајката сè уште е непознато.


Дваесет загинати во невремето, вонредна состојба во Скопско и Тетовско


Скопје, 7 август, 2016 - 13:58 (META) 

Според последните информации, во синоќешното невреме кое го погоди Скопје животите ги загубиле 20 лица, а досега е извршена идентификација на телата на 13 од нив, соопштија денеска по завршувањето на состанокот на Управувачкиот комитет за справување со кризи.

По состанокот беше соопштено и дека во Скопско и во Тетовско кои беа најмногу погодени од невремето, ќе биде прогласена кризна состојба, која ќе трае во наредните 15 дена. Формиран е и кризен штаб, кој ќе ги проценува штетите на терен.

– Потвредено е дека има седумнаесет загубени животи, а во моментов добивме информација за дополнителни три лица со што бројката може да порасне на 20 и се надевам дека тука ќе застане. Сите институции од почетокот на оваа непогода се во постојана активност. Припадниците на специјалните единици на МВР, припадниците на Армијата на Република Македнија (АРМ), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), општините, Градот Скопје, противпожарната бригада, Министерството за здравство и преку итна помош се обидуваат да им помогнат на граѓаните. Над 1.000 граѓани беа извлечени и им беше помогнато. Тие беа во многу сериозна ситуација, а голем дел од нив и во животозагрозувачка ситуација – изјави Министерот за здравство, Никола Тодоров по состанокот на Управувачкиот комитет за справување со кризи.

Тој додаде дека почнале со систематски активности за пребрарување на теренот, во што од 6 часот утринава учестуваат и хеликоптери на безбедносните сили.

– При овие пребарување беа најдени неколку починати лица во рамки на оваа бројка. Фокусирани сме на пребарување на целиот терен и извлекување на оние кои се во загрозениот регион, обезбедување на сместување, храна, вода, испумпување на надојдената вода од поплавените куќи – рече Тодоров.

Најмногу погодени од вчерашното невреме се жителите на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, каде се пронајдени телата на загинатите, а пријавени се и големи штети, односно срушени и поплавени куќи и возила.

Советот на Град Скопје за денеска во 14 часот закажа вонредна седница по синоќешното големо невреме кое го погоди Скопје и околината, информираат од Градот.

На седницата единствена точка на дневен ред ќе биде информацијата за последиците од вчерашното невреме и мерките и активностите за санирање на штетите.


Најмалку 15 загинати, 22 повредени и 6 исчезнати лица во невремето во Скопје


Скопје, 7 август, 2016 - 11:27 (META) 

До утринава во 8.30 часот на скопските клиники бил примени 22 повредени лица во синоќешното големо невреме во Скопје и околината, информираат од Министерството за внатрешни работи. Во временската непогода, според досегашните информации животите ги загубиле 15 лица, а шест се пријавени за исчезнати.

Како што информираат од МВР, од невремето, особено во Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, биле пријавени големи штети, односно струшени и поплавени куќи и возила.

„Пријавени се настани со големи штети – срушени и поплавени куќи и возила , а пријавени се починати – удавени и исчезнати лица. За таа цел од МВР беа ангажирани Специјалните единици при МВР (ЕБР, ЕСЗ, ПЕП и Единицата за Јавен ред и мир) како и дополнителни служби, односно крим-техника од Штип, Велес и Тетово, додека пак од останатите служби, ангажирани се Бригадата за противпожарна заштита, Јавното претпријатие ‘Водовод’, Дирекција за заштита и спасување, Итната медицинска помош и Пајак службата“, велат од МВР.

Поради настанатите свлечишта кај клучката во близина на Стајковци кон клучката Радишани, полициските екипи кои излегле на терен да интервенираат, затекнале околу 70 заглавени возила.

Свлечиште било пријавено и на обиколницата на потегот Ѓорче Петров кон Стенковец.

Советот на Град Скопје за денеска во 14 часот закажа вонредна седница по синоќешното големо невреме кое го погоди Скопје и околината, информираат од Градот.

На седницата единствена точка на дневен ред ќе биде информацијата за последиците од вчерашното невреме и мерките и активностите за санирање на штетите.


Повеќе од 1.000 мигранти заглавени на Табановце, сите очи вперени кон самитот во Брисел


Скопје, 7 март, 2016 - 11:36 (META) 

Повеќе од 1.000 мигранти од Сирија и од Ирак во моментов се заглавени кај Табановце, на македонско-српската граница, бидејќи српските власти одбиваат да ги пропуштат и да им дозволат транзит понатаму по балканската рута, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во меѓувреме на јужната граница, според информации од грчка страна, воведени се дополнителни ограничувања за сириските државјани, односно не им се дозволува влез во Македонија на тие мигранти од Сирија што доаѓаат од подрачја кои не се зафатени од воени дејства.

ОД МВР во врска со оваа информација велат дека доколку некоја од земјите на балканската рута воведе вакви ограничувања, Македонија ќе биде принудена да воведе забрана за влез на мигранти од одредени подрачја од Сирија и од Ирак.

– Ирак и Сирија ги сметаме за небезбедни земји, но доколку некоја од земјите на рутата воведе нови ограничувања, ќе бидеме принудени да ја разгледаме можноста за нивна примена и на македонско-грчката граница, вклучувајќи забрана за влез на мигранти од одредени подрачја. Од критериумите на другите држави на рутата ќе зависат и критериумите што ќе се применуваат на македонско-грчката граница. Впрочем, во овој момент на македонско-српската граница се заглавени преку 1.000 мигранти, во најголем дел токму од Сирија и од Ирак, за кои не знаеме од кои причини не им е одобрен транзит низ Република Србија – велат за „Мета“ од МВР.

Од Министерството информираат дека проверките на условите за влез на мигрантите во земјава, на хуманитарна основа се вршат „во согласност со националното законодавство и заеднички критериуми договорени помеѓу земјите на рутата“.

Проверките и профилирањето го вршат мешани тимови од полициски службеници на сите држави.

Истовремено, како што информираат од МВР, сите очи се вперени кон Брисел, каде се одржува вонредниот самит меѓу Европската Унија и Турција, на кој се очекува да биде договорена новата стратегија за справување со мигрантската криза во Европа.

– Нашите понатамошни постапки и чекори ќе зависат од тоа што ќе биде договорено на самитот во Брисел – ни одговорија од МВР.


Попоски: Мигрантската криза не може да се решава со ланската тактика


Виена, 24 февруари, 2016 - 19:28 (META) 

„Ние наскоро ќе сфатиме дека не може да функционира системот така како што функционирал минатата година, кога повеќе од 750.000 мигранти поминаа низ Македонија. Доколку го знаеме ова, мислам дека најдобро ќе биде да се соочиме со реалноста на терен. Ако ви кажам како изгледаат работите во последните 24 часа, на сите ќе ви стане многу јасно“, изјавил денеска министерот за надворешни работи, Никола Попоски, на министерската конференција насловена „Заедничко управување со миграции“ во Виена, Австрија.

Како што соопштуваат од МНР, Попоски изјавил дека во последните 24 часа во Македонија има 700 мигранти од Авганистан кои чекаат на влез во Србија, уште 600 кои се во воз на јужна граница и се подготвени да одат на север, но сè уште не можат да го сторат тоа и околу 5.000 мигранти кои се од грчката страна на територијата и сакаат да влезат во Македонија.

„Ако одиме според правилата, ниту еден од нив нема закана по живот или по безбедност во Грција бидејќи, според мене и според многу други, Грција и Македонија се еднакво безбедни земји. Но, и не треба да имаме илузија дека секој од нив го препливал Егејско Море за да остане на еден километар од македонската граница, туку да стигне до крајната дестинација во Западна Европа“, изјавил шефот на македонската дипломатија.

Попоски посочил дека во врска моменталната ситуација со мигрантската криза и со мерките за справување со неа, можат да се констатираат добри и помалку добри работи.

„Во делот на добрите работи би го сместил фактот дека како по ретко која друга тема, сега имаме скандинавски тип на соработка на регионално ниво помеѓу земјите кои се тука, и верувам, помеѓу оние кои не се тука. Исто така, во добрите работи е дека на оваа тема, сите имаме иста цел и нема никаков простор за поделба на хумани, нехумани, добри и на лоши или други поделби бидејќи целта на сите е иста. Во делот на помалку добрите работи, од друга страна, мораме да кажеме дека се соочуваме со предизвик за капацитет на апсорбција во земјите во кои се избрани како крајна дестинација од најголем број мигранти и бегалци во 2015 година, а како што изгледаат работите и во 2016 година. Не треба да имаме никаква илузија дека во секоја земја што има примено определен број мигранти, вклучително и Австрија, за која моите австриски колеги ги споменаа предизвиците со кои се соочуваат, има апсорбциски капацитет и дека кога ќе дојдеме во ситуација тоа да не може да се акумулира, во овие земји ќе се соочиме со многу сериозен проблем“, рекол Попоски.

Според Попоски, доколку Македонија би имала „златна рипка да посака желба“, веројатно таа би била сето она што го правиме на македонско-грчката граница да се случува на грчко-турската граница, односно да биде веќе завршена работа во Грција.

„Но, мора да бидеме фер дека тоа, во моментов, од едни или други причини не е возможно или не се случува. Никој од нас тука нема капацитет сам да го реши овој предизвик и нашето стравување е дека во ваков тип на проблеми, обично синџирот се кине на најслабата алка, во случајов тие што се надвор од ЕУ. Конечно, една од работите која може да ни помогне е поврзување на системот Еуродаг, бидејќи на тој начин би се олеснила целата процедура, која во овој случај Словенија треба да ја направи на сопствената граница. Сите овие чекори е добро да бидат одек на одлуките во Брисел и, секако, да наидат на поддршка од сите наши партнери во Европската унија“, истакнал Попоски.


Управувачкиот комитет ќе одлучува за бегалците заглавени на Табановце


Куманово/Гевгелија, 24 февруари, 2016 - 17:05 (META) 

Управувачкиот комитет за справување со мигрантската криза денеска попладне по 18 часот треба да одржи состанок, на кој ќе се расправа за ситуацијата со бегалците што се заглавени на Табановце, потврди за „Мета“ портпаролката на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Надица Вчкова.

– Средбата треба да биде некаде по 18 часот, но терминот кога ќе почне, сè уште не е прецизиран. На состанокот особено ќе се разговара за ситуацијата со бегалците што Србија ги враќа во Македонија – ни изјави Вчкова.

Состанокот треба да го свика министерот за здравство, Никола Тодоров, кој претседава со Управувачкиот комитет, во чиј состав се и министрите за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за транспорт и врски и претставници на ЦУК.

Како што пренесува порталот „Нова ТВ“, кампот на Табановце ноќеска се преполнил со бегалци кои биле вратени од Србија. Околу 130 мигранти заглавени во меѓузоната на српско-македонската граница синоќа мирно протестирале против одлуката на српските власти тие да бидат вратени во Македонија.

На јужната граница состојбата е мирна, но поради ситуацијата со бегалците кај Табановце, утрово и во попладневните часови речиси и воопшто да не се издаваат потврди на мигрантите од Сирија и од Ирак кои транзитираат низ западно-балканската рута до земјите од ЕУ, каде имаат намера да бараат азил.


МНР: Засега нема затворање на границите, финансиската помош од ЕУ сè уште не стигнала


Скопје, 22 февруари, 2016 - 12:40 (META) 

Засега Македонија нема намера да ја затвори јужната граница со Грција за мигранти, брифираат од Министерството за надворешни работи. Оттаму велат дека авганистанските државјани, кои се заглавени кај Табановце, најверојатно ќе останат во земјава сè додека Србија и Хрватска не го решат спорот околу третманот на мигрантите од Авганистан.

Македонија, велат од МНР, од почетокот на мигрантската криза потрошила овеќе од 10 милиони евра, а финансиската помош што Европската унија досега четирипати ја најавува, сè уште не стигнала.

Според МНР, во основата на проблемот со мигрантската криза остануваат трите клучни точки, односно Турција како прва транзитна дестинација, надворешните граници и реадмисијата, поточно враќањето на мигрантите, кои не ги исполнуваат условите за азил во ЕУ, по истата рута, што, според македонската дипломатија наскоро најверојатно ќе стане реален проблем.