fbpx

Попоски: Мигрантската криза не може да се решава со ланската тактика

-

„Ние наскоро ќе сфатиме дека не може да функционира системот така како што функционирал минатата година, кога повеќе од 750.000 мигранти поминаа низ Македонија. Доколку го знаеме ова, мислам дека најдобро ќе биде да се соочиме со реалноста на терен. Ако ви кажам како изгледаат работите во последните 24 часа, на сите ќе ви стане многу јасно“, изјавил денеска министерот за надворешни работи, Никола Попоски, на министерската конференција насловена „Заедничко управување со миграции“ во Виена, Австрија.

Како што соопштуваат од МНР, Попоски изјавил дека во последните 24 часа во Македонија има 700 мигранти од Авганистан кои чекаат на влез во Србија, уште 600 кои се во воз на јужна граница и се подготвени да одат на север, но сè уште не можат да го сторат тоа и околу 5.000 мигранти кои се од грчката страна на територијата и сакаат да влезат во Македонија.

„Ако одиме според правилата, ниту еден од нив нема закана по живот или по безбедност во Грција бидејќи, според мене и според многу други, Грција и Македонија се еднакво безбедни земји. Но, и не треба да имаме илузија дека секој од нив го препливал Егејско Море за да остане на еден километар од македонската граница, туку да стигне до крајната дестинација во Западна Европа“, изјавил шефот на македонската дипломатија.

Попоски посочил дека во врска моменталната ситуација со мигрантската криза и со мерките за справување со неа, можат да се констатираат добри и помалку добри работи.

„Во делот на добрите работи би го сместил фактот дека како по ретко која друга тема, сега имаме скандинавски тип на соработка на регионално ниво помеѓу земјите кои се тука, и верувам, помеѓу оние кои не се тука. Исто така, во добрите работи е дека на оваа тема, сите имаме иста цел и нема никаков простор за поделба на хумани, нехумани, добри и на лоши или други поделби бидејќи целта на сите е иста. Во делот на помалку добрите работи, од друга страна, мораме да кажеме дека се соочуваме со предизвик за капацитет на апсорбција во земјите во кои се избрани како крајна дестинација од најголем број мигранти и бегалци во 2015 година, а како што изгледаат работите и во 2016 година. Не треба да имаме никаква илузија дека во секоја земја што има примено определен број мигранти, вклучително и Австрија, за која моите австриски колеги ги споменаа предизвиците со кои се соочуваат, има апсорбциски капацитет и дека кога ќе дојдеме во ситуација тоа да не може да се акумулира, во овие земји ќе се соочиме со многу сериозен проблем“, рекол Попоски.

Според Попоски, доколку Македонија би имала „златна рипка да посака желба“, веројатно таа би била сето она што го правиме на македонско-грчката граница да се случува на грчко-турската граница, односно да биде веќе завршена работа во Грција.

„Но, мора да бидеме фер дека тоа, во моментов, од едни или други причини не е возможно или не се случува. Никој од нас тука нема капацитет сам да го реши овој предизвик и нашето стравување е дека во ваков тип на проблеми, обично синџирот се кине на најслабата алка, во случајов тие што се надвор од ЕУ. Конечно, една од работите која може да ни помогне е поврзување на системот Еуродаг, бидејќи на тој начин би се олеснила целата процедура, која во овој случај Словенија треба да ја направи на сопствената граница. Сите овие чекори е добро да бидат одек на одлуките во Брисел и, секако, да наидат на поддршка од сите наши партнери во Европската унија“, истакнал Попоски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...