!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дождот изгасна најголем дел од пожарите, соопшти ЦУК


Скопје, 13 август, 2017 - 12:34 (META) 

Најголем дел од пожарите кои беа активни во земјава се изгаснати, по врнежите од дожд кои утрово ја зафатија Македонија, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму информираат дека пожари има на уште пет локации, кои се ставени под контрола.

Како што информираат од ЦУК, под контрола е пожарот во близина на манастирот „Трескавец“ и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село. Таму сè уште гори сува трева, но, како што наведуваат од ЦУК, огнот е далеку од манастирот и нема никаква опасност по него, а на терен има екипа на прилепската противпожарна единица.

Активни, но под контрола, се и пожарите во близина на селата Крушевица и Бонче, кај селото Никодин, шумскиот пожар во атарот на селото Нерово и пожарот кај местото Фрлогоец на планината Бистра.


Главниот штаб на ЦУК одржа седница за пожарите во Македонски Брод и во Чашка


Скопје, 6 август, 2017 - 16:25 (META) 

Центарот за управување со кризи денеска одржа седница на главниот штаб за управување со кризи откако Владата вчера, поради пожарите, донесе одлука за прогласување кризна состојба на подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка.

Како што информираат од ЦУК, со седницата раководел неговиот директор Агрон Буџаку, а присуствувале претставници на АРМ, на министерствата за внатрешни работи, здравство и за транспорт и врски, од Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Македонски шуми“ и на ЗЕЛС.

„Беа донесени акциски предлог-план за превенција и за справување со пожарите на подрачјата на Македонски Брод и на Чашка и предлог-план за координирано дејствување во кризните подрачја на општините Македонски Брод и Чашка, кои во текот на денот ќе бидат доставени до Владата на Република Македонија. Истовремено, во согласност со оперативните процедури, од присутните беше формирано работно тело“, соопшти ЦУК.


Се разгоруваат пожарите на многу места во земјава, изгореа четири куќи


Скопје, 4 август, 2017 - 20:47 (META) 

Според најновите информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), состојбата со шумските пожари е алармантна и на многу места во земјава пожарите се разгоруваат. Во селото Могилец целосно изгореле четири куќи, а една е делумно оштетена.

Како што извести „ЕВН Македонија“, поради големите пожари во Богомила, Ореше, Папрадиште, како и планинарски дом Чеплес, сите корисници на општина Чашка ќе останат без струја подолг период. Екипи на „ЕВН Македонија“ се на терен и работат на санирање на 11 изгорени столбови и опрема кои се зафатени од огнената стихија, а помагаат и во гаснење на пожарот.

Според извештајот на ЦУК за состојбата до 18 часот, попладнево се појавил пожар кај скопското село Осинчани, за што испратена е пожарникарска екипа да интервенира. Пожар има и кај селото Јаболце, а пожар се појавил и над Волково. Гори и меѓу селата Бојане и Копаница.

Пожар кај селото Орешани и попладнево бил активен и ја поминал Орешанска Река и се доближува кон неколку штали кај селото Вражале. Со него е опфатена нискостеблеста шума од смрека. Исто така, има дојава дека пожарот на Матка повторно се активирал и ја сменил насоката кон Шишевски манастир.

Пожарот кај Барово брзо се разгорува и се заканува да ја зафати боровата шума кон Водно. Интервенира екипа од ЈП „Паркови и зеленило“.

За пожарот кај селото Моране дејствуваат екипи на скопската противпоарна бригада, кои исто така интервенираат и кај Долна Матка, Рашче, Елово и кај Никиштани.

Пожарот во атарот на селата Требовље и Растеш во општина Македонски Брод сè уште е активен и во гаснењето се вклучени АРМ, која ангажирала и два хеликоптера, како и дел од месното население и доброволци од Кичево, Прилеп и од Скопје.

Пожарот од атарот на Растеш се проширил на атарот на селото Волче, а постои голема опасност да се прошири во атарот на Битово и на Заград.

Повторно се активирал и пожарот во атарот на селото Близанско и се движи кон месноста Фојник.

На пожарот во селото Девич ангажирани се лица од Шумското стопанство „Сандански“ – Македонски Брод, кои го контролираат пожарот. Горните куќи во Девич не се загрозени.

На пожарот во атарот на селото Могилец интервенираат пожарникарите од Македонски Брод, лица од месното население и лица од Шумското стопанство „Сандански“. Пожарот се шири кон атарите на селата Клуќерец и Инче, како и кон атарот на селото Модриште. Гори дабова и борова шума. Од 17 часот интервенираат и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување. Во селото Могилец опожарени се две напуштени дотраени куќи, како и три куќи во кои живеат луѓе од селото и една куќа е делумно оштетена.

Во Пелагонискиот Регион, активен е пожарот на атарот на селото Подвис. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума, сува трева и стрништа. Поради високата температура, правецот на ветерот и непристапноста на теренот отежнато е гаснењето. Пожарот се шири од  пределот по ридот кон селото Алданци.

Пожарот во атарот на селата Дрен и Смолани, е активен и веќе се проширува на горниот дел на планината. Зафатена е претежно ниско стеблеста дабова шума, чалија, смрека.

Во Тетовскиот Регион активни се два шумски пожари, Едниот над селото Копанце, каде гори сува трева и ситна деградирана шума на планината Жеден. По сртот на планината, тој се шири кон селото Туденце, како и кон селото Бојане.

Во атарот на селото Гургурница активен е пожарот во кој гори сува трева и пасишта. Во гаснењето учествуваат лица од месното население.

Во општина Гостивар, активен е пожарот во атарот на селото Корито, каде нема можност да се интервенира.

Во Повардарскиот Регион, активен е пожарот во атарот на селото Дреново, а се појавиле и два нови пожари. Огнената стихија полека се движи кон планината Лисец.

Пожарот во атарот на селото Богомила кој се закануваше да ги зафати манастирот „Свети Спас“ и селото е изгаснат со помош на авионите на ДЗС. Другиот дел од пожарот е активен и се движи кон прилепска страна.

Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, а теренот е непристапен за гасење.


Сè уште гори кај Требовље, вчера избиле нови пожари


Скопје, 3 август, 2017 - 12:26 (META) 

Центарот за управување со кризи (ЦУК) претпладнево извести дека се активни повеќе пожари во земјава.

Според пристигнатите информации до 8 часот, пожарот во атарот на селото Требовље во општина Македонски Брод сè уште е активен, но засега нема опасност за селото. Исто така, спречено е и напредувањето на пожарот кон селото Растеш. Пожарот што е активен во селото Здуње има тенденција за проширување на атарот на селото Гургурница. Шумскиот пожар во реонот помеѓу селата Девич и Грешница е активен, но нема опасност за населените места.

Пожарот што подолго време е активен во реонот на Македонски Брод, вчера во попладневните часови се префрлил на територијата на општина Гостивар, во атарот на селата Корито и Железна Река. Пожарот е на терен непристапен за возила. Зафатена е површина обрасната со сува трева, смрека, како и мешана шума. Од страната кај селото Страјане пожарот е локализиран, додека од спротивната страна е сè уште активен.

Вчера шумски пожар избувнал и во атарот на селото Студеничани и гаснењето е почнато во 21.45 часот.

Исто така вчера, но околу 14.30 часот, се појавил пожар во атарот на селото Локвени кон селото Подвис и зафатил дабова шума. Во близина на пожарот е и манастирот „Св.Атанасие“.

Активен пожар има и на падините на Горна Јакупица, а теренот таму е тешко достапен.

Во доцните попладневни часови вчера, во атарот на селото Богомила повторно се појавил пожар со кој е зафатена сува трева и ретка шума.

Во текот на вчерашниот ден, во претпладневните часови, на потегот помеѓу селата Теранци и Видовиште на територијата на општина Зрновци, избувнал шумски пожар во ниска шума и почнал да се шири кон манастирот „Света Петка“ на планината Плачковица. Според последните информации, пожарот не е локализиран и веќе е проширен на висока шума.


Салиу: Пожарот кај Требовље веројатно е подметнат


Скопје, 1 август, 2017 - 16:44 (META) 

Има индиции дека некој околу хидроцентралата Козјак вчера нешто потпалувал, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, за пожарот кај село Требовље.

Салиу обвини дека поради несоработката со некои лица од локалната самоуправа, пожарот се раширил.

– Десет луѓе го напуштија местото, мислеа дека треба да седат до 12 часот и се повлекоа. Ги молев да се вратат, но, за жал, не прифатија, бидејќи биле од локалната самоуправа и го напуштија местото. Тогаш пожарот се префрли од левата страна и постоеше опасност да изгори и селото. Наредив да се направи бедем на тој дел од селото – изјави Салиу на прес-конференција.


Пожарот кај Требовње сè уште активен, се шири кон селото Здуње


Скопје, 31 јули, 2017 - 20:14 (META) 

Пожарот во атарот на Македонски Брод сè уште е активен, соопшти Центарот за управување со кризи, пренесува „Телевизија 21“. Станува збор за два пожари, од кои едниот е кај местото Круша, атар на селото Близанско, со правец на движење кон Требовље, а вториот пожар од Требовље се двужи кон местата Лутоец и Фојник.

Поради високата температура и лошиот терен, пожарот, со којшто е опфатена борова шума, сè уште е активен.

Според ЦУК, првиот крак на пожар во селото Требовље се ширел во правец на село Здуње, каде, меѓу другото, биле загрозени првите куќи од селото поради што биле испратени дополнителни екипи.

Претседателот на месната заедница на Требовље, Златко Петревски, изјави дека ситуацијата е мошне критична и дека пожарот треба да биде локализиран што е можно побргу за да се спречи поголема катастрофа.

– Состојбата е крајно критична. Сега веќе пожарот се шири кон Гостивар и кон Тетово. Натаму се наоѓа планината Сува Гора. Сега состојбата е веќе крајно критична. Пристигна и армијата за да ја спаси ситуацијата – изјави Петревски.

За справување со огнената стихија се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарни возила од осум општини со вкупно 30 пожарникари, два хеликоптери на армијата и два авиони специјализирани за гасење шумски пожари.


ЦУК тврди дека нема место за паника за земјотресите во Охридско


Охрид, 5 јули, 2017 - 17:11 (META) 

Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, по состанокот со одговорните лица кои го известувале за состојбата со земјотресите во Охридскиот Регион кои се случуваат во континуитет неколку дена, ги уверува граѓаните дека нема место за паника и апелира да се почитуваат препораките.

– Присутните на состанокот уверуваат дека ние како институции на системот за справување со кризи, сме подготвени за што било што би се случило во иднина – истакна Буџаку.

Виталните објекти во Охрид се во функционална состојба и немаат никакви оштетувања, вели директорот на ИЗИИС, Михаил Гаревски.

– Забранивме моментална употреба на една градинка до Архивот на Охрид, не од аспект на тоа дека конструкцијата не чини, туку бидејќи се два објекта споени со фуга и постои мал ризик да не падне некој дел од малтер и да повреди некое дете. Забранивме употреба на два станбени објекти изградени пред 30-тите години од минатиот век, кои не се сеизмички и постои можност да се прошират пукнатините во објектите – вели Гаревски.

Според него, по земјотресот со магнитуда 5 се очекува афтершоковите да бидат со јачина од 3 или 4 степени според Рихтер кои, како што рече, се нормална појава по таква јачина на земјотрес.


Хан ја предаде донацијата од ЕУ на граничната полиција и на ЦУК


Скопје, 10 февруари, 2017 - 12:46 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, денеска во Министерството за внатрешни работи ја предаде донацијата од 33 теренски возила наменети за зајакнување и за модернизирање на капацитетите на македонската гранична полиција и на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Хан, во своето обраќање по повод примопредавањето на донацијата, истакна дека таа е силен знак за блиската соработка меѓу „семејството на Европската Унија и Македонија во справувањето со најсериозната бегалска и мигрантска криза со која се соочи Европа“.

– Европската комисија стои покрај вас и ќе продолжи да биде покрај вас и во иднина. Мигрантската криза помогна да се илустрира како вашата земја, но и целиот Западен Балкан, е дел од европската целина и како се работи заедно во справувањето со предизвиците – рече Хан.

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, заблагодарувајќи се за донацијата, истакна дека таа ќе ги зајакне капаицитетите на граничната полиција во справувањето со предизвиците од мигрантската криза, меѓународните закани и со меѓуграничниот криминал.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, нагласи дека МВР и македонската влада за време на мигранстака криза покажале солидарност и дале значаен придонес во делењето на одговорноста со Европската Унија и со меѓународната заедница во справувањето со овој феномен.

– Оваа донација не само што значи поддршка туку е и мотив за понатамошно ангажирање во решевањето на овој проблем, особено на меѓуграничниот криминал и криумчарењето мигранти – рече Чавков

Вицепремиерот за европски прашања, Арбер Адеми, истакна дека иако движењето на мигрантите сега е под контрола, сепак ситуацијата и понатаму е неизвесна, а соработката е најдобар одговор за сите предизивици. Тој нагласи дека мигрантската криза покажала дека Македонија и другите земји од регионот треба што поскоро да станат дел од ЕУ и од нејзините безбедносни капацитети.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Агрон Буџаку, рече дека секоја помош придонесува за зголемена ефикасност на институциите и дека Македонија ќе даде пример како се бранат и се чуваат европските вредности и како се спроведуваат правото и правдата врз оние што ја злоупотребуваат и сакаат да остварат корист од човечката несреќа.

На свеченоста по повод примопредавањето на донацијата беа присутни и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Инаку, станува збор за донација на 33 теренски возила од марката „сангјонг рекстон“, во вредност од околу 800.000 евра. Од нив, 31 се за потребите на граничната полиција, а две се за Центарот за управување со кризи.


Граѓаните да останат дома за време на студениот бран, препорачуваат надлежните


Скопје, 5 јануари, 2017 - 19:46 (META) 

Граѓаните да не патуваат и доколку немаат поголема потреба да не излегуваат од дома за време на најавениот студен бран, да носат топла облека, да пијат топли напитоци, а доколку треба да работат на отворено, тоа да го прават со паузи. Ова се дел од препораките на надлежните институции до граѓаните што денеска ги соопштија портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, портпаролката на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Надица Вчкова, и директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска-Вучковиќ, пренесува македонскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

„Сите надлежни институции на централно и на локално ниво се на терен. Сепак треба да се остане максимално посветен затоа што според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во текот на вечерните часови може да дојде и најверојатно ќе дојде до комбинација на двата фактори – ниската температура и влажноста што е предизвикана од врнежите од снег, кои може да создадат поголеми ризици и предизвици“, изјави Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.

Поради врнежите од снег, воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патните правци Охрид – Ресен, Битола – Ресен, преку планинскиот превој Ѓавато, потоа на патот Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, Кичево – Охрид, Гостивар – Кичево, како и на кракот Маврово – Дебар. Воздушниот и железничкиот сообраќај се одвиваат без застои. Проблеми во снабдувањето со електрична енергија имало во Тетовско, односно селата Челопек, Стенче, Волковија, Милетово и Теново, како и во општина Шуто Оризари, кои дел веќе биле санирани.

Во Скопје и во околината сите патни правци се проодни, освен кон Брест, Малино и Танушевци, а Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ поради лизгавост на коловозите ги има скратено автобуските линии 65б, 47а, 160, 74, 80а и 81.

Од Автомото-сојузот на Македонија информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато и во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот дел од земјата на места има остатоци од снег, по интервенција на екипите на „Македонија пат“.


Агрон Буџаку ќе биде нов директор на Центарот за управување со кризи


Скопје, 17 октомври, 2016 - 18:36 (META) 

Поранешниот македонски амбасадор во Франција, Агрон Буџаку, е назначен за нов директор на Центарот за управување со кризи. Ваква одлука била донесена на владина седница одржана во петокот.

Тој доаѓа на местото на неговата сопартијка од ДУИ, досегашната директорка Сузана Салиу, која во наредниот период ќе ја извршува функцијата заменик на народниот правобранител.

Буџаку беше и првиот директор на Центарот за управување со кризи кога се формираше во 2005 година, но по девет месеци извршување на функцијата беше избран за пратеник.

Амбасадорската функција Буџаку ја извршуваше од 2009 година до декември минатата година.